16/04/2024
Спорт

Заврши Бизнис лигата во мал фудбал

Со натпреварите за трето и прво место, одиграни во саботата, заврши овогодинешното издание на Бизнис лигата во мал фудбал. 

Овогодинешното издание имаше 11 компании, компании кои одлучија на своите вработени, преку учеството во лигата, да им понудат поинаков начин на дружење и рекреација. ЈП „Билјанини Извори“ јавно им се заблагодарува на сите учесници и компании за нивното учество и уште од сега им го најавува следното издание на Бизнис лигата кое е планирано да започне во месец октомври и да трае неколку месеци.

„Успешната организација и задоволството на сите учесници ни дава за право уште сега да се подготвуваме за наредното издание и на таков начин да воспоставиме традиција во организирањето на Бизнис лигата во мал фудбал.

Бизнис лигата во изминатите два месеци понуди многу интересни натпревари, потези, голови, одбрани и фер плеј однесување така што нашето дружење како организатори со сите компании и нивните учесници за нас преставува уште поголема мотивираност и обврска кон организацијата на идните изданија на Бизнис лигата во мал фудбал.

Иако како претпријатие со организирањето на Бизнис лигата сакавме да понудиме тим билдинг за сите компании во кој главна цел е дружењето, зближувањето и комуникацијата и каде не е важно кој е прв, втор или најдобар играч, стрелец, сепак на крај би сакале да им честитаме на успехот на првопласираните екипи ЛТХ Леарница, Жито Леб, Метропол и ЈП Охридски Комуналец како и на најдобриот играч, голман и стрелец Љупчо Митрески, Наум Џалески и Горан Битолкоски.

Веруваме дека на сите екипи, играчи, преставници и секако нас како организатори посебен мотив и пример ни претставува учеството на г-динот Наум Шапкарески кој со своите 60 години и фер плеј однесување ни покажа зошто ние треба да продолжиме и да ја развиваме Бизнис лигата во мал фудбал.

На крај би сакале да им се заблагодариме за поддршката во реализацијата на Бизнис лигата во мал фудбал на Општинскиот фудбалски сојуз и на Фудбалската федерација на Македонија.“ – истакнуваат од ЈП „Билјанини Извори“.