08/12/2024
Охрид

Заврши јубилејното „На зајдисонце“ во Трпејца

Синоќа со настапот на пејачката група и оркестарот од Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид во Трпејца успешно беше заокружено десеттото јубилејно издание од Културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Под уметничко раководство на Татјана Тренеска младите изведувачи и инструменталисти уште еднаш преку својата маестрална изведба ги потсетија присутните на македонските музички и песнопојни бисери. Ретко доживување, особено за младата публика и странците беа народните инструменти, кавал, тапан и тамбура.Оркестарот беше засилен во инструменталниот дел со проф. по музика Љупчо Аслимоски и музичкиот продуцент Јовица Каралиевски.

Како бонус точка и пријатно изненадување за публиката и организаторите на затворањето на зајдисонцето настапи за првпат со модерен танц групата „ИКС“ составена од девојчиња од Трпејца.

Претходните два дена исто така беа во знакот на музиката и песната.

Групата „Броз“ во понеделникот имаше исклучително ведар и музички и артистички успешен концерт во рамките на десеттото јубилејно „На зајдисонце“ во Трпејца.

 Фронтменот Владимир Сарафилоски и неговите пријатели просто речено ја „запалија“ публиката со прекрасните изведби на нумерите кои беа една музичка прошетка.

Ден потоа во пријатниот и добро познат амбиент и без водачот на групата Јован Поп Стефанија ( од оправдани причини) но засилени со Ѓоко Пирузе и Владимир Сарафилоски – Броз, ансамблот „Билјана“ предизвика бура од емоции и создаде прекрасен флуид со публиката во Трпејца.

Вечерта беше збогатена и со настапот на неодоливиот шармер познат меѓу возрасните гледачи, секогаш актуелниот Драган Мијалковски. Тој со своите шлагери ја крена публиката која подоцна пееше заедно со него и со „Билјана“.

– Драган Мијалковски во Трпејца дојде на наше големо задоволство по контактот со поетесата и хуманитарец Вера М Самарјанин. Тој вети дека догодина заедно со Вера ќе бидат наши гости и ќе има целовечерен концерт во Трпејца, велат организаторите на летото.

И годинава се одржа ликовната работилница – цртаме на зајдисонце,како и традиционалната прошетка по патеката Чоколско.

И десеттото издание на манифестацијата „На зајдисонце“ беше во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид, Делегацијата на ЕУ во Скопје и спонзори.