28/03/2024
Македонија

Заврши работната посета на министерот Димитров на Брисел

Денеска, министерот Никола Димитров со неколку активности го заокружи третиот ден од работната посета на Брисел.

МНР Димитров се сретна со Пиотр Серафин, Шеф на кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Министерот, повикувајќи се на потврдениот реформски успех и добрососедската политика, потенцираше дека Република Македонија претставува голема можност за успех во Европа и заслужи почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Својата посета на Брисел, министерот Димитров ја заокружи со обраќање во бриселскиот тинк-тенк „Европски центар за политики“, на тема: „The Macedonian name dispute: a test case for Balkan enlargement”.

Министерот Никола Димитров ги запозна присутните со состојбата во Република Македонија. Тој ја истакна важноста за изнаоѓање решение на спорот со Грција со што, покрај Република Македонија, придобивки би имале и Регионот, но и Европа. Во тој контекст, тој истакна: „Преговорите со Грција не се само процес за решавање на разликата што ја имаме, туку и процес кој ќе нѐ направи блиски сојузници”.

Понатаму, МНР Димитров се осврна и на внатрешните реформи – она што е до сега направено како и она што треба да се направи, со посебен фокус на реформите во судството и слободата на медиумите. На крајот, министерот Димитров зборуваше и за добрососедските односи, вклучувајќи го и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Со тоа, се финализира тридневната работна посета на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на Брисел.