18/04/2024
Охрид

Заврши Уметничката колонија „Трпејца 2019“ – создадени нови дела и пријателства

По петдневна работа и дружба вчера во Охрид беше заокружена Втората меѓународна уметничка колонија „Трпејца 2019“.

Во прекрасен природен амбиент во Трпејца твореа шест уметници: Дражен Конатар од Бјело Поље, Црна Гора, Јовица Костиќ и Владисав Богичевиќ од Ниш, Србија, Петрит Лараку од Поградец, Албанија и Ѓоко Симјаноски и Свето Стефановски од Охрид.

Сите уметници беа задоволни од условите за работа, снабденоста со бои, четки и платна, сместувањето и храната, како и исполнетото слободно време со разглед на Охрид и Свети Наум.

Колонија имаше и едукативен карактер. Уметниците твора заедно со учениците од подрачното училиште „Св. Наум Охридски“ во Трпејца. Ги има само четворица но заедно со нивната учителка Лила Карафилоска покажаа голем интерес за уметноста.

Додека уметниците сликаа на отворено што е уште поважно речиси секојдневно ги посетуваа жителите на Трпејца, но и групи од странски туристи кои беа воодушевени од идејата и сликите.

На завршната средба претставници на Здружението „За Трпејца со љубов“ на уметниците им врачија благодарници за учеството и друг пропаганден материјал и публикации сврзан со Охрид и културното наследство на регионот.

Сите заедно и учесниците и домаќините заклучија дека колонијата го фати вистинскиот правец и дека натаму може да стане предизвик за многу уметници од Балканот и Европа.

На овој начин преку уметноста исполнета е целта за афирмација на Трпејца како културна , но и туристичка дестинација. Се создадоа нови дела кои ќе останат трајно сведоштво за квалитетот на учесниците и што е уште поважно се поставија нови врски и пријателства меѓу учесниците и организаторот.

Покровител на колонијата беше Општина Охрид. Уметници беа сместени во Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид а организаторите изразуваат благодарност и до ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани кое ја помогна колонијата со обезбедениот простор за работа на уметниците во Трпејца.