Завршна изјава на лидерите на „Отворен Балкан“

Александар Вучиќ, претседател на Република Србија

Еди Рама, премиер на Република Албанија

Зоран Заев, премиер на Република Северна Македонија

Денес го најавивме „Отворен Балкан“ – заедничката иднина за нашите граѓани и за целиот Западен Балкан. Оваа иницијатива ќе нé  направи подобри и ќе ја направи Европа подобра.

Тука денес ни се приклучија повеќе од 350 претставници од бизнис секторот од целиот Западен Балкан. Духот на соработката е очигледен во стотиците врски кои се негуваат тука.

Поради тоа, денес потпишавме три договори:

  • Заедничка реакција на природни и други катастрофи;
  • Дозвола на граѓаните да работат во нашите држави; и
  • Помош за стоките да се движат без непотребно одложување.

Нашата цел е единствена: да имаме заеднички пазар, без граници. Ние бараме од секој од нашите министри да истапи со практични планови за спроведување на овие договори до средината на октомври. На 4-5 ноември ќе се сретнеме повторно, со релевантните министри, во Белград, за да го ревидираме напредокот и да донесеме одлуки што ќе бидат потребни за целосно да се спроведат овие обврски. Потоа, повторно ќе се сретнеме во декември, во Тирана, за да го проследиме напредокот и ќе се среќаваме редовно, колку што е потребно, за да се продлабочат овие врски.

Посебно внимание ќе се посвети на две иницијативи. Прво, ќе се осигуриме дека нашите луѓе ќе можат да работат каде било во нашите земји во претстојните месеци. Очекуваме чекори кои треба да бидат развиени од нашите влади и да бидат спроведени, онаму каде што е возможно, пред нашата средба во октомври. Драго ни е што Стопанските комори ќе започнат програма со која ќе се помогне на бизнисите и на работниците да се пронајдат едни со други во регионот, па така, оваа програма веднаш ќе создаде можности.

Второ, ќе побараме од нашите министерства да работат заедно на системот за споделување информации во врска со Данокот на додадена вредност – конзистентен со системите што се користат во ЕУ – со цел товарните возила да не сопираат на границите во рамките на Балканот. Камионите сé уште минуваат повеќе време на нашите граници отколку на нашите патишта.

Сакаме да се осигуриме дека нашите луѓе гледаат дека нештата се менуваат и дека со овие програми што создаваат можности за сите, ние всушност, се движиме напред. Ние веќе го промовираме туризмот и патувањето во нашите земји. Рекламите и попустите резултираат со тоа што нашите граѓани си ги посетуваат земјите на другите и се надеваме дека тоа ќе го гледаме повеќе во иднина.

Ќе побараме и други начини на кои може да ги продлабочиме врските. Ќе формираме Комисија за балкански филм. Секоја од нашите влади ќе определи средства за промовирање на филмови што произлегуваат од талентите низ целиот Западен Балкан, не само од едно место.

Ќе започнеме и Балкански вински фестивал за да славиме и да ја охрабриме продажбата на вина од целиот регион.

Ќе создадеме можности за спортските училишни тимови да се натпреваруваат едни со други и за младите луѓе да минуваат време едни со други. Ова се едноставни чекори што ќе доведат до промена во функционирањето на регионот и се надеваме дека ќе создадеме врски што ќе траат доживотно.

Исто така, ќе свикаме и состанок за да пронајдеме фондови за инвестиции со кои ќе се промовира регионалната интеграција и соработка. Проектите што носат регионална корист ќе добијат посебно внимание. Ќе ги поканиме нашите колеги од целиот регион и меѓународните инвеститори и донатори да работат со нас, со цел овие проекти да придонесат кон создавањето работни места, развој и раст низ целиот регион, особено во контекст на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и зелените и дигитални транзиции на Европа.

Тука има примери на проекти за кои дискутираме. Во Република Северна Македонија ќе поддржиме проект за фото-волтаици кој ќе ги напојува мрежите во регионот и ЕУ. Целта е ова да биде под контрола на регионот, за сите наши луѓе да имаат корист. Ова е дел од зелената транзиција на Европа, но и на регионот. Тоа ќе  помогне на нашата животна средина и на нашите економии.

Во согласност со целите поставени во Зелената агенда за Западен Балкан одобрена на Самитот во Софија минатиот ноември, Албанија развива стратешки проекти за производство на зелена и одржлива енергија, како и одржлив транспорт со цел да се поврзе регионот со европската Тен-Т мрежа. Хидроелектричната централа „Скавица“ ќе овозможи извоз на обновлива енергија до целиот регион. Градењето на интер-конекции за гас е дел од регионалниот пристап и ќе придонесе кон зелената транзиција на регионот и стабилноста на електричните мрежи. Железничкиот коридор од пристаништето во Драч ќе ги поврзува економиите на Северна Македонија и Бугарија и ќе ги подобри мултимодалните конекции со Италија.

Забележавме дека „Рио Тинто“ најавија дека се подготвени да инвестираат 2,4 милијарди долари во развивањето литиум во Србија, што е предмет на одобрени од Владата и вклучување на локалните заедници. Ако овој проект успее, нашите држави ќе работат заедно со цел можностите креирани со ова, да ја донесат индустријата во Србија, Северна Македонија и Албанија и на други места во Европа и регионот.

Ова се такви проекти коишто треба инвеститорите да ги гледаат како регионални проекти, не збир на национални иницијативи. Главниот принцип на нашите иницијативи е дека тие ќе донесат корист за целиот регион, не само за една држава.

Ние сме Европејци и нашата иднина е европска. Остануваме посветени на Берлинскиот процес и нашата европска перспектива. Нашите влади се посветија на спроведување на четирите слободи и единствениот регионален пазар, последно на Самитот во Берлин на 5-ти јули. „Отворен Балкан“ се надградува на истата визија како и заедничкиот регионален пазар и ги покануваме другите страни во регионот да ни се приклучат кон забрзувањето, спроведувањето и исполнувањето на нашите регионални обврски.

„Отворен Балкан“ е демонстрација на напредокот што може да го постигнеме сами. Иако перспективата за пристапување кон ЕУ останува катализатор во нашата регионална соработка, ние не треба да чекаме секое прашање да биде решено или Европа да дојде до консензус со цел да ги подобриме животите на нашите луѓе. Во тој дух, ги покануваме сите наши колеги на Западен Балкан да ни се приклучат кон нашите иницијативи, правни инструменти и практични проекти како што се овие.