24/04/2024
Охрид

Завршна работилница од Проектот за инклузивен урбан развој

На почетокот на завршната работилница на  International Training Programme: “Enabling Local Democracy and Inclusive Urban Development through the SymbioCity Approach 2018-2019 ,денеска на учесниците, пријатен престој во Охрид и успешна работа, им посака градоначалникот Константин Георгиески.

Во обраќањето, градоначалникот Георгиески изрази посебна благодарност до организаторите,  ICLD (Интернационалниот центар за Локална демократија)  и SKL International (дел од шведската асоцијација на локални управи и региони) од Шведска, кои овозможија во програмата заедно со тимовите од седум градови од Србија, Украина и Турција да биде вклучен и тимот на општина Охрид.

-Особено сме почестени што завршната работилница ја одржувате овде во древниот Охрид, за кого науката вели дека на овие простори има континуирано присуство на човекот околу 7.000 години. Овде сите оставале своја трага и затоа се нарекува крстосница на  цивилизациите или отворен милениумски музеј.

Охрид и Охридското Езеро, старо околу 3 милиони години, се светска природна и културна реткост, во која на вонвременски начин се спојуваат убавините и реткостите. Тие го прават духот на Охрид, кој со сигурност ќе го почуствуваат и нашите гости и дел од него, како траен спомен, ќе го понесат со себе. Уверен сум дека тој охридски дух  ќе биде инспирација за нови креативните моменти во Вашата професија во која секојдневно се соочувате со нови предизвици.

Мораме да признаеме дека во изминативе неколку децении  направени се бројни пропусти и штети врз хармонизираниот спој на природните, културните и вкупните амбиентални вредности, единствено карактеристични за овој простор. Цврсто сме определени, да го запреме тој тренд и да креираме нови  стратегии за одржилив развој на Охридскиот регион.

Нашиот тим работеше на адаптација на улицата „Македонија“ во пешачка зона, која ќе обезбеди еден поинаков спој меѓу езерото, луѓето и урбаниот дел на градот.Тоа е успешен дел од нашата приказна за враќање на сјајот на Охрид.Нашите стратешки определби се да се обезбеди одржлив развој во кој ќе бидат задоволени потребите на жителите, но и заштитата на природното и културното наследство, во кое ќе уживаат и граѓаните и бројните туристи од светот, рече градоначалникот Константин Георгиески.

Охридскиот тим, како урбанистички предизвик во рамки на програмата,  го работи проектот ,,New horizons through advanced walking zone“, кој всушност се однесува на адаптирање на улица ,,Македонија“ во пешачка зона. Проектот се работи на ниво на физибилити студија. Една од идеите за зголемување на атрактивноста на просторот е создавање на унапредена -проширена пешачка зона со која би било исклучено движење на возила по улица „Македонија“.