28/03/2024
Охрид

Жбогар во посета на Репродуктивниот Центар за европски елен на НП Галичица

Денес, во рамките на посетата на Охрид, Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија оствари посета на Репродуктивниот центар за европски елен на Националниот парк Галичица. Репродуктивниот центар се наоѓа на локалитететот „Косто бачило“ и е со површина од 86 хектари, а во него е сместено матичното стадо од 30 единки, од кои 24 женки и 6 мажјаци, а веќе има и подмладок на мали еленчиња.

Во рамките на посетата, амбасадорот оствари средба со Директорот на Јавната установа Национален парк Галичица, Васко Паскали, а присутни беа и Раководителот на Одделението за правни, административни и економски прашања на јавната установа – Сања Рилкоска и Соработникот за алтернативни активности при јавната установа – Константин Здравески. Амбасадорот беше информиран и запознат со главните функции на центарот, и тоа: заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на Националниот парк Галичица и едукативна функција.

На средбата беше дискутирано и за зачувување на природното и културното наследство во НПГ и активностите кои установата ги презема и планира да ги имплементира во иднина. Исто така, Жбогар беше запознат со напредокот и резултатите од спроведувањето на Проектот: „Подобрување на ефективноста во заштитата и управувањето со Националниот парк Галичица“, кој е дел од Програмата: „Подобрување на управувањето во заштитените подрачја“, финансирана од Европската Унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), како и информирање за тековните активности и идните планови на ЈУНПГ.

Амбасадорот Жбогар ја поздрави иницијативноста и ентузијазмот на установата во остварување на активности за заштита на природата.