Здрава животна средина за секое дете

Денеска во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки оствари работна средба со Постојаниот претставник на УНИЦЕФ во Македонија, г.Бенџамин Перкс.

УНИЦЕФ е водечка хуманитарна и развојна агенција на ОН, која работи глобално за правата на секое дете. Секое дете има право на здрава чиста животна средина. Правата на детето започнуваат со безбедно засолниште, исхрана, заштита од катастрофи и конфликти и го поминуваат животниот циклус: пренатална грижа за здраво раѓање, чиста вода, воздух и санитација, здравствена заштита и образование.

За таа цел на средбата се дискутираше за зајакнување на соработка помеѓу УНИЦЕФ и Министерството за животна средина и просторно планирање како и за заедничките активности за подобрување на квалитетот на живототи овозможување здрава животна средина на децата како најранлива група во општеството.

Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото. Тие се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена.

Исто така двете страни дискутираа за влијанијата од климатските промени и деградацијата на животната средина кои ги поткопуваат правата на децата а воедно беа усогласени идните препораки и акции кои заеднички ќе се превземат во согласност со националните и глобалните приоритети.

Од голема важност е и подигнување на јавната свест кај децата за правото на достапност до чиста вода, справување со отпадот и уставно загарантираното право на чист воздух за сите деца.