25/04/2024
Охрид

Здружението Чекоштина Урбан утре ќе одржи протест

Здружението Чекоштина Урбан утре од 16:30 до 17:00 часот ќе одржи протест помеѓу улиците „Туристичка“ и „Хаџи Мустафа“. 

„Како што веќе најавивме, утре, на 9.10.2020 г., петок, ќе одржиме ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ на крстосницата меѓу Туристичка и Хаџи Мустафа (патот за Орман/Воска). Протестот ќе се одвива во времето од 16:30 до 17 часот.

Протестираме против игнорантското однесување на локалната самоуправа кон нашите барања за решавање на инфраструктурните и други проблеми на жителите и корисниците на недвижен имот во оваа месност.

Месноста опфаќа една урбана заедница (УЗ 18 –Чекоштина) и две катастарски општини (месни заедници), Орман и Долно Лакочереј. Здружението го формиравме токму од причини што така раштркани тешко можеме да ги артикулираме барањата за решавање на заедничките основни потреби.

За повеќе од девет месеци постоење, се обидовме да изнесеме некои барања пред Градоначалникот и, по повеќе одбивања, остваривме една средба со него. Одговорот беше начелно позитивен и добивме ветување дека тој за два-три дена ќе не посети, заедно со екипа, за да ја согледа ситуацијата на лице место.

Месеци потоа не се одзва, а на повеќе наши интервенции со писмо во кое го повикавме да не посети и да си го одржи ветувањето и ургенција преку портпаролот, остана глув.

На собир со заинтересираните, Управниот одбор на Здружението доби задача да ги утврди приоритетите за инфраструктурни зафати. Ваквиот игнорантен и со тоа увредлов однос на оној кој е должен да се грижи за граѓаните на Општината и да води сметка за нивните потреби, а по закон и да одговори на секоја иницијатива најдоцна во рок од 60 дена, предизвика револт кај членовите на Здружението и другите заинтересирани.

Бидејќи другите средства за остварување на нашите оправдани и далеку од мегаломански барања се исцрпија, го организираме овој протест, како сигнал дека сме сериоизни и ќе истраеме во остварување на нашите легитимни колективни права.

Ги повикуваме учесниците на протестот строго да се придржуваат кон мерките за заштита од ковид 19, пред се‘ носење маска и одржување растојание.“ – повикуваат од Здружението Чекоштина Урбан.