20/04/2024
Охрид

Здружението „Инклузија“ го поздравува потпишувањето на Декларацијата од страна на градоначалникот Стојаноски

Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ – Охрид, го поддржува и поздравува потпишувањето на Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Македонија, од страна на градоначалникот, проф. д-р. Јован Стојаноски.

„Сметаме дека со овој чекор се отвора едно ново поглавје за подобра, потранспарентна, поажурна и поквалитетна соработка на органите на градската власт со претставниците на граѓанското општество, во насока на остварување на основниот принцип за успешност на секоја општина, а тоа е посветеноста и постојаното ставање во служба на граѓанинот.

На овој начин, значително се охрабрува тежнеењето кон секој следен успех на релација локална самоуправа – граѓанско општество – граѓанин, со цел обезбедување и создавање повисоки стандарди за живот на нашите сограѓани.

Праксата покажува дека ваквите пристапи во современите држави, во кои што властите одговорно се посветуваат на сеопфатниот развој на секоја индивидуа, се резултат токму на ваквиот вид кооперација во сите општински сегменти.

Од таа причина, несомнено е дека оваа подадена рака за создавање заеднички трајни вредности ќе биде од суштествена важност, кога станува збор за развојот на невладиниот сектор и на заедницата, во целина.“ – се вели во соопштението од Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ – Охрид.