19/04/2024
Македонија

Здружението на џез музичари ја добива наградата „Георги Божиков“ на СОКОМ

Добитник на наградата „Георги Божиков“ што ја доделува Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата 2017 година е Биг-бендот на Здружението на џез музичарите и слободните уметници (Македонија)…

Наградата „Георги Божиков“, СОКОМ ја доделува на Здружението на џез музичарите и слободните уметници од Македонија за концертот одржан на 1 април 2017 година во рамки на „Деновите на македонската музика“, под диригентство на Емин Џијан.

Програмата на концертот донесе своевидна ретроспектива на развојот на македонскиот џез, од неговиот основоположник Драган Ѓаконоски – Шпато до најновите дела на актуелните македонски творци во оваа сфера: „Поздрав до оркестарот“ и „Во спомен на старото пријателство“ на Шпато, „Акварел“ од Кире Костов, „Разденување“ на Живоин Глишиќ, „Балада за Шпато“ од Александар Џамбазов, „M“, Блуз на Тони Китановски , „Ламина“ на Кокан Димушевски, „Луѓе“ од Александар Пејовски, и „Let ring“ и „Changing Landscapes“ на Владимир Николов.

Наградата на Ансамблот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41-вите „Денови на македонска музика“ на концертот на Македонската филхармонија овој четврток (22 март) во 20 часот.