20/04/2024
ИнтервјуОхрид

Златната рипка и трите желби на познати охриѓани

Традиционално во последните денови од старата година време е да се присетиме на ланските желби и на нивното обвистинување, а оттука и да си ги посакаме новите убавини на новата година која ни претстои. Колку сме задоволни од оствареното и колку бараме повеќе од возможното секој од нас си знае или дознава токму на крајот од секоја година. Но колку и да (не) сме задоволни, тоа е и човечки да си посакаме уште нови и нови остварени желби. За нас и за нашите блиски и за нашиот град и за нашата татковина. А, што на оваа тема размислуваат другите околу нас, оние наши познати охриѓани, токму тоа е и интересот и љубопитството на WebOhrid на само неколку дена пред Новата 2015 година.

Интервјуиравме десетина познати охридски личности со кои секојдневно бевме во медиумска врска сиве овие изминати 365 дена. И, „во соработка со златната рипка“ им поставивме неколку вакви претпразнични – предновогодишни прашања:

– Кои три работи планиравте и очекувавте да ви се случат во 2014, а сепак, не се случија?!

– Кои три настани би ги избрале за најважни во 2014 ?!

– После кои три желби би ја вратиле Златната Рипка во вода?! Што очекувате: (а што посакувате): кои три настани би било добро да се случат За доброто на Охрид, кои три за доброто на Македонија и кои 3 зa доброто на светот во 2015 година !?!

– Која е Вашата предновогодишна порака до охриѓани и до Mакедонците ширум Mакедонија и светот?!?

DimitarSpaseski-620x360_cr_cr Димитар Спасески – секретар во Општина Охрид

– Полека, но сигурно одминува уште една година. На испраќањето на старата и дочекот на Новата година неминовно е да се запрашаме што сме направиле и нормално што очекуваме да ни не случи во Новата година. Лично никогаш плановите не ги поврзувам со еден чекор или постапка туку секогаш се трудам активностите да ги завршувам детално притоа секогаш внимавајќи долгорочно тие постапки да се оправдани. На приватен план минатата година ми донесе личен спокој и задоволство во кругот на своите најблиски од каде и ја црпам енергијата за новите предизвици што секако е основа за лично минатата година да ја оценам како многу успешна. На професионален план измина уште една година во која со задоволство бев дел од тимот на градоначалникот Бакрачески, тим кој со сите сили и можности активно и оваа година работеше на мерки и активности кои ќе го препородат Охрид.

Годинава која што изминува секако дека ќе ја паметам по силното темпо на работа во рамки на локалната самоуправа оваа е година кога со сигурност може да се каже дека започнал препород на Охрид во секоја смисла на зборот, особено сум среќен што наметнуваме стандарди во нашата работа кои ќе му носат добро на овој град во годините што следат и кога ние нема да сме дел од локалната самоуправа. Намалувањето на долгот на општината секако дека е најзначаен настан за мене во оваа година затоа што за првпат локално раководство успеа да врати дел од наталожените обврски и конечно овој процес почна да се движи.

Во оваа прилика од многуте проекти кои ги реализиравме јас ќе ја истакнам изградбата на стадионот на вештачка трева во Охрид за кого сонував уште додека бев дел од младинскиот погон на ФК Охрид. Со гордост го истакнувам овој проект, затоа што како локална самоуправа после дваесет години разградување на инфраструктурните спортски објекти во Охрид за првпат нешто изградивме. 2014 година ќе ја паметам и по носењето на одлуките на два големи гиганти од германската индустија и тоа: „ОДВ електрик“ и „Костал“ да инвестираат во Охрид што секако е знак дека започнал економскиот препород на Охрид. После дваесетина година зборување за отпуштање и хаос во Охрид почна да се зборува за отварање на нови капацитети и отварање на нови работни места. Тоа секако ме прави среќен и е процес на кој лично многу се радувам.

Што се однесува до Новата 2015 година лично ја пречекувам со силен ентузијазам и желба за нови дела во Охрид, притоа сум свесен дека тоа се случува само со многу работа и посветеност и од тие причини не ни треба златна рипка за да на Охрид како тим може да му ветиме нови странски и домашни инвестиции, со цел отворање на работни места, почеток на градба на затворен зелен пазар, катна гаража, старечки дом и нова модерна автобуска станица, реализација на сите проекти предвидени преку светска банка со што дефинитивно 2015 година ќе го одбележи нашиот мандат како локална самоуправа.

Во однос на светските случувања, случувањата во регионот и Република Македонија секако дека посакувам мир, благосостојба и почитување на човековите принципи на живеење.

На охриѓани им посакувам многу здравје, среќа и личен успех во Новата 2015, година проследени со многу пријатни и убави моменти а секако ветувам многу напорна работа на ветените проекти кои ќе им го направат животот поубав. Нека бог го чува овој убав,свет град нека бог ја благослови Република Македонија.

Konjanovska1-620x360_cr Гордана Коњановска – претседател на Советот на општина Охрид

Неодамна се потсетив на цитат од Иво Андриќ во кој е непогрешливо содржан одговорот на прашања од овој тип за мене во последниве години:

„Никогаш веќе не планирам. Јас само го живеам овој живот. Понекогаш како што сакам, понекогаш како што морам. Ситниците ми го обојуваат животот. Ситниците се среќа. Затоа јас ги сакам малите нешта. И големите торби. Секаде ги носам со себе затоа што си должам себе си уште понекоја прошетка помеѓу очекуваното и непланираното… Иво Андриќ“.

Три работи кои посакувам (и очекувам) да му се случат на :

Охрид

1.Намалување на невработеноста. Посакувам реализацијата на инвестициите во производствени капацитети на „ОДВ Електрик“, на „Костал“ и други кои ќе значат отварање на значаен број на нови работни места со што конечно ќе имаме тренд на намалување на невработеноста која е најгорлив проблем за граѓаните на Охрид.

2. Отварање на редовна авиолинија до некоја од европските метрополи. Заедно со интензивната промоција на градот очекувам редовната авиолинија значајно да влијае на зголемување на бројот на странски туристи, што пак директно влијае на растот на локалната економија.

3. Почеток на реализацијата на неколкуте големи инфраструктурни проекти веќе најавени и долго очекувани од кои градот и граѓаните на Охрид ќе имаат повеќекратен бенефит.

Македонија

Натамошно значајно зголемување бројот на инвестиции кои ќе креираат нови работни места и ќе ја намалат невработеноста, а со тоа и сиромаштијата во земјата.

Конечно почеток на преговорите за членство во ЕУ и прием во НАТО што очекувам ќе произведе многукратни позитивни ефекти.

Постигнување на национален конзенсус за прашањата од витално значење на државата.

Светот:

Запирање на воените конфликти и сите форми на насилство кои се причина за многу загубени животи.

Значајно зголемени активности глобално, со цел намалување на бројот на жители на планетата кои се соочуваат со глад, недостапност на чиста вода за пиење, здравствена заштита и образование.

Почеток на глобални и големи проекти за справување со големите еколошки предизвици (загадување, климатските промени, обновливи извори на енергија…)

На сите им посакувам да бидат на број и во добро здравје во следнта година. Посакувам многу причини мали и големи за насмевки и радост, сила во моментите кои нема да се лесни и мир со себе.

TomislavTuntev-620x360_crТомислав Тунтев – претседател на ОО на СДСМ Охрид

– Во 2014 година очекував да се случат, но за жал не се случија, следните три работи:

1. Да се одржат нормални, фер и демократски избори во Република Македонија, на кои гласачите слободно и непречено ќе ја изразат својата сопствена волја, без закани, уцени, заплашувања, насилство, корупција и подмитувања од страна на власта;

2. Да се запре со реализација на сите проекти што се штетни за Охрид и за охриѓани, односно што го загрозуваат нашето природно, културно и историско наследство и ги сквернават нашите световни и духовни традиционални вредности: изградба на армирано-бетонските чудовишни зданија на Плаошник, проектите за урбанизација и девастација на Студенчишкото блато, проектите за узурпација и девастација на дел од Националниот парк Галичица, проектите за изградба на мегаломански туристички капацитети во с. Љубаништа, поставување лизгалиште околу спомениикот на вечниот патрон на Охрид на плоштадот, неконтролирано уништување на рибниот фонд во езерото, идејните проекти за изградба на несоодветни мегаломански објекти на плажите на крајбрежјето и др;

3. Да се реализираат ветените приоритетни капитални пректи во Охрид, односно изградба на: затворен базен, современа автобуска станица, современ затворен пазар, катни гаражи, дом за стари лица, кружни раскрсници, современо пристаниште, марина, пешачка патека до Горица, спортски центар на Галичица, изработка на сообраќајна студија за режимот на сообраќај и др.

На домашен план, три настани што ја одбележаа 2014 година:

1. Студентските протести против идејата за воведување на државен испит, односно екстерно тестирање на факултетите од страна на Владата;

2. Непризнавањето на изборниот процес за претседателските и за вонредните парламентарни избори од страна на опозицијата и неучеството на опозициските пратеници во работата на Парламентот;

3. Извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија за 2014 година, што ги содржи следните забелешки: недостаток на доверба во општеството, нејасна линија на поделба меѓу државата и партиите на власт, непочитување на слободата на изразувањето и на медиумите, недоволен квалитет на судството, прегломазна и исполитизирана јавна администрација, слаба фискална дисциплина и нетранспарентност на Владата.

На глобален план, три настани што ја одбележаа 2014 година:

1. Светското фудбалско првенство во Бразил;

2. Успешното одвојување на вселенската сонда „Philae“ од вселенскиот брод „Rosette“ и нејзиното успешно слетување на кометата 67Р Чурјумов-Герасименко;

3. Група од неколку трагични несреќи со голем број жртви: поплавите во Србија, Хрватска и БиХ; авионските несреќи на Malaysia Airlines; епидемијата на ебола; терористичките напади во Пакистан; крвавите протести во Киев, Украина; крвавата седумнеделна војна во појасот Газа.

На личен план, најзначаен настан што ја одбележа 2014 година е печатењето на второто издание на мојот роман „Светиот завет“, по добиените бројни позитивни книжевни критики и покажаниот голем интерес кај читателската публика.

За доброто на Охрид, во 2015 година очекувам:

1. Да се покренат и реализираат сериозни и одржливи проекти за трајно да се заштити нашето природно, историско и културно наследство;

2. Да се реализира барем дел од ветените приоритетни капитални проекти што се од есенцијална важност за подобрување на квалитетот на живеење во Охрид;

3. Да се воведат нови редовни авио-линии на охридскиот аеродром, шо ќе придонесат за побрз развој на меѓународните туристички движења во регионот.

За доброто на Македонија, во 2015 година очекувам:

1. Да се спречи понатамошното масовно иселување на граѓаните на Република Македонија, посебно на младите стручни и образовани кадри;

2. Да се укине екстерното тестирање на учениците во основните и средните училишта и да се стопираат активностите за воведување на државен испит, односно екстерно тестирање на факултетите;

3. Власта да ги прифати петте барања на опозицијата, да започнат меѓусебните преговори за нормализирање на односите во држвата и за влегување на опозициските пратеници во Парламентот.

За доброто на светот, во 2015 година очекувам:

1. Да запрат воените судири и конфликти во кризните жаришта ширум светските меридијани и да започнат мировни преговори;

2. Да се помогнат сиромашните и неразвиените земји во светот, за да се нахранат гладните, за да се обезбеди питка вода за сите жедни, за да се образуваат необразуваните, за да се заштитат бегалците, за да се почитуваат правата на децата, за да се спречи насилството врз жените, за да се почитуваат и развиваат човековите права;

3. Масовно да се инвестира во одржливи проекти за заштита на човековата околина насекаде низ светот, со строго, доследно и неодложно почитување и зачувување на универзалните востановени еколошки критериуми.

И конечно, мојата новогодишна порака до сите: Тоа што Ви беше најдобро и најубаво во 2014 година, нека Ви биде најмалку добро и најмалку убаво во 2015 година.

DejanBlazeski-620x360_crДејан Блажески – претседател на ОО на ЛДП Охрид и член на Советот на општина Охрид

Јас не очекувам, туку постојано дејствувам. Не прифаќам калкулации, премолчување, седење со скрстени раце иоплакување на судбината. Понекогаш губам надеж, но имам механизми со кои повторно си ја враќам. Верувам дека придонесот на поединецот е многу важен дел од големата слика. Многу работи кои ги посакував не се случија, но затоа е тука 2015 та, 2016 та и огромниот оптимизам, за кој се тешев дека е резултат на младоста, но веќе сериозно ситнејќи ја четириесетката, сфаќам дека тоа е карактерна црта. Стоицизмот како правец посебно го почитувам и убеден сум дека сум на правата страна.

Оваа година ќе бидам нескромен, ако не кажам дека беше брилијнтна за мене на приватен план. Влегов во брачните води и со мојата сопруга ја очекуваме нашата принова. Тоа е нешто за што треба и вреди да се живее. Оттаму ја црпам енергијата.Студентите ја окончаа и тие се моите херои за оваа година.Но, 2014 та, за жал ми симболизира едно владење, кое остави дури и физички траги, наспроти гладните усти и непочитувањето на човековите права. Нема да претерам, но јас не уживам во сопствената среќа кога околу мене има многу тажни луѓе со сериозни судбини, жртви на ваквото владење. Ни се скратија дружбите, ми заминаа пријателите како пред сто години, по буквално корка леб во западноеврпските земји. Не поделија по сите основи, ни се упропастија славите, имендените, родендените.

Јас сум верник и не верувам нити во златни рипки нити во исполнување желби. Ни на крај памет не ми паѓа да ловам риба од суеверие. Кога станува пак збор за Охрид, повеќе од јасно е дека градот има потреба од системска промена, која опфаќа многу повеќе од три настани. Но, за почеток доволно е да се зголеми културната понуда, да се поттикне приватниот сектор и да се зачува градот онака како што заслужува. Мојата Македонија, не е оваа во која живеам, и јас се уште се тешам дека ова е само еден долг кошмар и не прифаќам ваква земја, вакво нефункционирање на системот, огромна летаргија, депресивни млади луѓе, осиромашени граѓани и изгубена надеж. Можеби ќе звучам наивно, но никогаш нема да престанам да верувам дека може да се промени светот. Верувам дека ќе биде подобро и ќе биде. Не верувам во политиканство и во промучурни игри, ги сакам промените, доследно со капацитет и фер правила на игра.

Мојата порака ќе биде еден мој фб статус, не чуствувам потреба од прослава и ведри честитки и во мој стил сакам да ја доловам сордржината. „Елката има и ненакитена страна, онаа страна која не се гледа на прва, онаа која е свртена кон ѕидот. Такви елки китат многумина. Многумина пак, и не ги забележуваат пораките од така накитените елки. Таквите елки, ја симболизираат лицемерната еуфорија и фасадерската кичеста среќа на сопственикот. За жал, најчесто се потсмеваме на скромно накитената елка, а се восхитуваме на онаа која е пренатрупана од сите страни кои се на очиглед, а празна од страната на ѕидот.. Како елките така се украсуваат и луѓето. Така ни го украсуваат и животот. Да не се лажеме, денес украсувањето елка е луксуз, но за промена, погледнете од страната на ѕидот, поставете ја елката централно. Нека биде скромна, ама реална. Веќе не може со сила да се сокрие немаштијата и тагата на божиќното дрво,а ни велеа дека е симбол на надеж и среќа. Кинеските продавници и дадоа можност на елката , но не и стандард. И, да ќе заборавев, имајте поголема почит кон оние скромните елки, поддеднакво украсени без сомнителни пари, без сомнителни желби и некакви/никакви поклони за немоќните. Среќна нова ГРАДЕ…

IlijaArnaudoski-620x360_crИлија Арнаудоски – Координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид

– Во животот секогаш постојат желби кои не се остваруваат поради некоја причини. За оние желби кои не се оствариле во минатата година, многу понапорно ќе работам за да се остварат во наредната година.

Најпосакувани кои секоја година сакам да се остваруваат се желбите за здравје и среќа, за мојата фамилија и пријателите.

Трите најважни работи, односно настани кои се случија во 2014 година по мое видување се влегувањето на првата странска инвестиција во Охрид, инвестицијата на „ОДВ електрик“ која е прва после многу години и која е почеток на една нова ера за Охрид. Втора работа е изградбата на модерниот фудбалски терен на вештачка трева со кој значително се подобруваат условите за развојот на спортот конкретно на фудбалот и кој ќе придонесе во развојот на спортскиот туризам и третата е скорешната објава на германската компанија „Костал“ за инвестиција во охридско – струшкиот регион.

Посакувам во 2015 година да се случуваат само убави работи. Очекувам во наредниот период да се реализираат крупни инвестиции, да има објави за уште странски инвеститори, каде младите од Охрид ќе можат да се вработат и како својата кариера би ја граделе во своето родно место.

Да бидат здрави, среќни и весели, да имаат повеќе љубов од омраза, да веруваат и да бидат истрајни зошто тоа е единствениот пат до успехот. Новата 2015 нека биде посреќна и поуспешна година за сите охриѓани.

AleksandarKuzeski-620x360_crАлександар Кузески – портпарол на ОО на СДСМ Охрид

– Очекував Охрид да биде подобро место за живеење. Втората и третата работа се поврзани, имено, кога се вратив од Скопје во Охрид, во Февруари 2013, си дадов рок од една година за да најдам квалитетна работа или во спротивно да ја напуштам Македонија.

2014 беше година исполнета со љубов. Многу веридби, свадби, крштевки, новороденчина, многу мои роднини и пријатели кои го кажаа судбоносното „да“, сите овие настани ме направија многу среќен. Студентските протести кои генерално го поттикнаа граѓанскиот активизам- третиот настан си го чувам само за себе.

После кои три желби би ја вратиле Златната Рипка во вода?!- тоа веројатно би биле желби кои уште од многу одамна звучат како од клише, но сепак се најважни: да има мир во светот, да нема глад, да има љубов.

Очекував да биде решен спорот со името, а посакував датум за преговори со ЕУ.

За доброто на Охрид: Да успееме да го сочуваме природното и културно историското богатство на градот по кое посегнаа некои луѓе заради задоволување на свои лични интереси- да престане иселувањето – драстично да се намали невработеноста.

За доброто на Македонија- драстично да се намали невработеноста- еколошката свест да биде на многу повисоко ниво- да се намали разликата на се побогатите и се посиромашните луѓе, односно да се врати „средната класа“.

Зa доброто на светот – заштита на човековата средина- хармонични односи помеѓу државите- поголема меѓучовечка толеранција.

Моја порака до сите е да бидат среќни, секогаш да бидат позитивни и да им се радуваат и да ги слават малите победи во животот.

IMG_6647_crДрагана Боцеска – директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“

– Немаше некои поважни работи кои не се остварија можеби некои потешко сепак планираните работи во голем дел се завршија. Особено ме радува новата адаптација на просторот на подобрувањето на условите успешно завршените проекти, посетеноста на културните настани, претстави, концерти, изложби, македонски филмови.

На приватен план оваа година се роди син ми, така што мене оваа година најмногу ми ја одбележа тој.

За доброто на Охрид повеке евтини дирекни летови, уште повеќе афирмација и зачувување на богатото културно и природно наследство и можности за работа странски, но и домашни инвестиции, но и зголемување на бројот на населението. Истото го мислам и за доброто на Македонија. Треба да се стремиме кон подобро, но и ова што го имаме сме го добиле тешко со многу жртви. Ништо не доаѓа преку нок. Но, сепак сме опстоиле и во полоши времиња. Кога ќе сватиме дека од нас зависи повеке ќе се трудиме.

На сите им посакувам пред се здравје и сила да се издржат тешкотиите и да се достигнат желбите радост и повеќе да уживаме во убавината на Охрид. Треба да сме среќни што секој ден го гледаме езерото, но и да го чувавме и себеси да се чуваме.

На професионален план би ја истакнала поддршката од Министсерството за култура, инвестирањето во проектите, но и во техничката опрема, како и новата адаптација на просторот на Центарот за култура за која се конкурира 2013 година а во 2014 имавме и реализација, добивме нови простории кои ќе ги користи театарот но тука се и активностите како балет, фолклорни ансамбли.

Посакувам многу повеќе позитивни мисли, меѓусебна почит и помалку агресија општо во светот.

JPBiljaniniGradinki01-620x360_crРозе Костеска – директор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“

– Три работи кои ги планирав, а не се исполнија се: отворањето на групите во Радојца Новичиќ и Пештани и Санирање на покривите на објектите. Најважни настани педагошката трибина за програмата за рано учење и развој за сите директори од градинките од цела Македонија која за прв пат се организира со подршка од МТСП; БРО; УКИМ во нашата држава.Реализирањето на проектите „За мојата безбедност се грижиме јас и мојот пријател – полицаец“ и „Бонтон за деца“ за чии потреби бев иницијатор и автор на прирачник „Ѕвони ѕвон за бонтон“ кој сега се работи како дел од програмата во цела држава по препорака од Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Изработка и печатење на стихобоенка „Мојот пријател полицаец“, рецензирањето и презентациите не единствените интегрирани прирачници за деца од предучилишна возраст и многу други. Учество на меѓународен семинар во Цетиње, на кој 2015 година, Охрид ќе биде домаќин по наша заслуга.

Три желби за рипката да се врати во вода:

1. Проширување на капацитетите на градинката за поголем опфат на деца, промена на кровните конструкции на објектите и дограма во сите објекти, повеќе вработувања во градинката.

2. Повеќе инвестиции во градот, подобра благосостојба на граѓаните.

3.Повеќе културни настани преку цела година, туристичката сезона да прерасне во секојдневие да не е од сезонски карактер.

Македонија да ја посетуваат почесто нејзините чеда раселени по светот, среќата и радоста да блика од секој македонец каде и да е, да се здрави и живи сите македонци каде и да се. Македонија да си го добие заслуженото место во европското семејство. Македонија и македонците да се вечни. Среќна Нова Година на сите македонци во светот и Вам да ви се исполнат сите желби и секој ден да Ви биде поубав од претходниот во неа.

SilvijaMojsovska-620x360_cr Силвија Мојсовска– директор на ОУ„Григор Прличев“

Предновогодишното расположение ни дозволува да си замислуваме желби кои ќе ни ги исполнува златната рипка. Зошто да не, ние сите во нас го имаме она детското, кое не тера да сонуваме.

Мојата прва желба е да ги гледам весели, исполнети и среќни членовите на моето семејство, зашто тогаш сум и јас среќна. Втората желба е за моето прекрасно, второ семејство, колективот на ОУ„Григор Прличев“, заедно со нашите ученици и нивните родители, да бидеме сложни и заедно да се избориме, правилно да ги насочиме учениците на патот до среќата и успехот. Третата желба ми е ОУ „Григор Прличев“ да биде модерно уредено, со сите современи наставни средства, кои ќе помогната да ја направат наставниците интересна наставата, а ние ќе ги гледаме задоволните лица на учениците, како возврат за вложениот труд.

Охрид е во моето срце и среќна сум што ја имам таа привилегија да уживам секојдневно во неговите, раскошни убавини. Тоа е нашиот град, кој ни ја дава сета негова енергија и заслужува да биде светски познат туристички центар. Портите на Охрид се ширум отворени и полека го привлекува Светот, а од сето тоа благодет да видат и нашите граѓаните, кој достоинствено би обезбедиле побогато живеење. Охрид е предодреден да биде успешен, но за сето тоа треба сите заедно да се потрудиме и да му подадеме рака.

Македонија да ја видам на цврсти нозе исправена како равноправна членка со развиените светски држави, без преговори и негирања на разни соседи, а во неа да живеат задоволни и среќни граѓани исполнети со живот.

Светот сакам да изнајде начин со кој би се решил проблемот со разликите на квалитетното живеење во него, зашто сите граѓани имаат право на мирен и спокоен живот во кој ќе можат да се посветат на своите семејства и би се негувале здравите животни вредности, живеејќи во својата татковина.

Подарувајте љубов, исполнувајте нечии желби, делите несебично, зашто само така ќе се чувствувате прекрасно, исполнето и само со убава мисла ќе си го разубавувате и сопствениот животот.

toni simonovski_crТони Симоновски – директор на ОУ „Христо Узунов“

Реализација на некои од проектите на кои работам, но финализацијата ќе се случи во 2015 година. Пролонгираното на одбраната на Докторската дисертација која очекувам да се случи на почетокот на Новата година и пролонгирање на некои од работните обврски кои верувам ќе се реализираат во наредната година.

Отварањето на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, Пласирањето на 3 наши екипи во завршните фази на лигата на Шампионите во Ракомет (Металург, Вардар-мази, Вардар-зени), одпочнувањето на изградба на автопатот Кицево – Охрид.

Завршувањето на Докторската дисертација, Подобрувањето на економската состојба во Македонија и да има здравје слога и разбирање.

За Охрид – Изградбата на Покрај езерската патека, Автобуската станица и Затворениот базен Развивањето на Спортските клубови во Градот (Фудбалски и Ракометни), И развојот на Туризмот со елитни Хотели и развојот на туризмот во повеке сегменти.

За Македонија- Пристапни преговори со ЕУ и Признавање под Уставното име од ЕУ, Отварање на нови стопански капацитети и Поголеми успеси во Спортот.

Во Светот- Меѓусебно разбирање меѓу народите, Подобрување на политицките односи помегу САД и Русија, Поголема помош во храна и подобрување на животот во Афричките земји.

Среќни Новогодишни и Божикни Празници, Нека Новата 2015 ви е исполнета со добро здравје и многу исполнети желби.

Македонците од целиот свет да се обединиме за доброто на нашата единствена вечна Татковина МАКЕДОНИЈА!

Webohrid и тимот кој и изминатава година деноноќно сработуваше важни вести, репортажи, интервјуа и информации за Вас и поради Вас, Ви упатува најискрени и срдечни честитки по повод Новата година, со желба да Ви се остварат сите Ваши желби за лична и семејна среќа! И…, бидете така убави и лични, како што Ве личи објективно информирани и задоволни преку прозорецот на WebOhrid!

P.S. Кои се предновогодишните размислувања на оваа тема и кои се трите големи желби на градоначалникот Никола Бакрачески -, ќе дознаеме утре во вечерните објави на WebOhrid! Следете нѐ!