27/04/2024
Македонија

Директорот на БЈБ Тасевски се сретна со заменик директорот на полиција на Литванија Бобинас

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, м-р Сашо Тасевски во текот на денешниот ден оствари официјална средба со Заменик Директорот на полицијата на Република Литванија, г-дин Римантас Бобинас, Началникот на форензичкиот центар, г-дин Дариус Жвиронас, Началникот на служба за антитероризам, г-дин Викторас Грабаускас, Началник на службата за меѓународна соработка г-ѓа Алина Колесник.

На средбата беше дискутирано за Твининг проектот “Понатамошно јакнење на капацитетите за истраги на место на настан”.

Состанокот претставуваше презентација Твинингот кој обезбедува рамка во која државните служби во земјите-кориснички можат да соработуваат со нивните партнери од земјите-членки на ЕУ.

Главната цел на проектот е да го поддржи Министесртвото за внатрешни работи во подобрување на форензичките истраги во борбата против организираниот и сериозниот криминал, како и понатамошно јакнење на капацитетите за увид на лице место преку воспоставување на нова организациона структура, воспоставување на квалитетен систем за вршење на увид на лице место, воведување на нови методи и стандарди за прибавување и транспортирање на докази од местото на увид, како и создавање на предуслови за акредитација на секторите за оперативна криминалистичка техника на регионално и локално ниво во согласност со стандардот ISO 17020:2012.

На состанокот беше истакната заедничката соработка помеѓу двете држави, Република Северна Македонија со Република Литванија за понатамошно јакнење на капацитетите на двете Министерства.