3 Декември, Меѓународен ден на лицата со посебни потреби

Меѓународните денови служат како одлични прилики за да ја едуцираат јавноста за прашања од интерес, да ја мобилизираат политичката волја и ресурсите во решавање на глобалните проблеми, а исто така, и да ги слават и зајакнат достигнувањата на човештвото.

Оваа 2019 година, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби се одбележува под мотото: Промовирање на учеството на лицата со посебни потреби и нивното лидерство: преземање акција за 2030 Развојната Агенда.

Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби се фокусира на оспособување на овие лица за инклузивен, правичен и одржлив развој, како што е наведено во 2030 Агендата за одржлив развој, која се заложува дека “нема да остават никој зад себе” и ја признава инвалидноста како прашање што треба да се земе во предвид при спроведувањето на Целите за одржлив развој.

Инвалидитетот се потенцира во различни делови на Целите за одржлив развој, особено во деловите поврзани со образованието, растот и вработувањето, нееднаквоста, пристапноста во населените места, како и при собирањето и следењето на податоците на Целите.

Денес, светското население е над 7 милијарди луѓе. Повеќе од една милијарда луѓе, или приближно 15% од светското население, живеат со некаква форма на попреченост. 80% живеат во земјите во развој, додека 50% од лицата со посебни потреби не можат да си дозволат здравствена заштита.

Лицата со посебни потреби, „најголемото малцинство во светот“, генерално имаат послабо здравство, пониско образование, помалку економски можности и повисоки стапки на сиромаштија отколку лицата без инвалидитет. Ова во најголем дел се должи на недостаток на услуги што им се достапни (како информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), правда или транспорт) и многуте пречки со кои се соочуваат во нивните секојдневни животи. Овие пречки можат да имаат најразлични форми, вклучително и оние што се однесуваат на физичкото опкружување, или оние што произлегуваат од законодавство или политика, од општествени ставови или дискриминација.

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, претставува прв меѓународно правен и обврзувачки инструмент преку кој се утврдуваат минимум стандарди за правата на лицата со посебни потреби. Од осумте приоритетни области на оваа Конвенција, под реден бр.7 е Здравството и се однесува на еднаков пристап до здравствени услуги и сродни здравствени установи за лица со посебни потреби. Па така, се гарантира правото за сестрана и еднаква здравствена заштита со еднаков квалитет за лицата со посебни потреби и се регулира правото за највисок достапен стандард во здравството без дискриминација врз основа на попреченост. Нашата држава ја потпишала оваа Конвенција за правата на лицата со попреченост на 30 март 2007 година, а ја ратификувала на 5 декември 2011 година.

Република Северна Македонија креира мерки и решенија за полесно вклучување во средината и полесно извршување на сите активности на лицата со посебни потреби. Областите во кои се работи се образованието, вработувањето, домувањето, социјалната заштита на лицата со посебни потреби, но посебно треба да се истакне здравствената заштита бидејќи таа им е и најпотребна на овие лица во полесно совладување на здравствените потешкотии.

Извор:
1. https://www.un.org/en/observances/day-of-persons-with-disabilities

  1. http://www.un.org/en/events/disabilitiesday/background.shtml
  2. http://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/disability-and-health

Подготви: Сектор за промоција, анализи и следење на незразни болести при Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија