Филипче: Продолжува тестирањето на сите контакти на заболените во кризните општини

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за најновата состојба со коронавирусот КОВИД-19 во земјата.

Тој, истакна дека во изминатите 24 часа се направени 1.272 тестирања, а се регистрирани 180 нови случаи на КОВИД-19. По градови: Скопје 109, Куманово 26, Дебар 1, Штип 15, Тетово 12, Струга 1, Велес 1, Битола 1, Охрид 1, Гостивар 8, Гевгелија 2, Валандово 1, Свети Николе 1, Неготино 1.

Министерот Филипче, рече дека денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 11 оздравени пациенти, во: Скопје 6, Прилеп 1, Велес 4.

Тој информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент од Куманово на 52 години и во Градската општа болница „8 Септември“ починала пациентка од Скопје, на 68-годишна возраст.

Вкупната бројка на КОВИД-19 дијагностицирани во нашата земја, од почетокот на епидемијата изнесува 2.790, бројката на оздравени пациенти е 1.632, на починати е 149, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.009.

На прес-конференцијата, Филипче информираше дека досега во земјата се направени вкупно 34.386 тестирања на КОВИД-19. Додека пак, од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 16 теста се во рамките на скринингот во градинки во Штип, каде нема позитивни на вирусот.

Во однос на состојбата со пациентите во инфективните оддели и болниците ширум државата, министерот Филипче истакна дека на Инфективната клиника, во изминативе 24 часа примени се 10 нови пациенти и од нив, пет се префрлени од ГОБ „8 Септември“. Во моментов се хоспитализирани вкупно 53 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се седум нови, а вкупно хоспитализирани 27 пациенти. На респираторна машина се седуммина, a со потешка клиничка слика се уште шест пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани девет пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 29 пациенти, позитивни и сомнителни на КОВИД-19.

Mинистерот Филипче информираше дека се прави таргетирано – кластерско тестирање на контакти на заболени.

„Продолжува тестирањето на сите контакти на заболените во кризните општини. Од денеска до вчера, таргетирано се тестираше, и кластерската анализа на новите заболени покажува дека околу 15 семејства вкупно, носат 90% од новите случаи, што значи се шири болеста тесно во рамки на кластерите. Има и нови спорадични случаи, кои не може да се поврзат со овие семејства, што е доказ дека вирусот постои. И воопшто, не значи дека нема и надвор од кластерите заболени и затоа остануваме максимално претпазливи. Несомнено е дека имаме втор бран, кој е резултат на непочитување на мерките за собири и групирање, што впрочем го докажа и деталниот увид во анкетните епидемиолошки прашалници. Но, зголемениот број на заболени може да се каже дека е очекуван заради скрининг – пристапот, кој сега го имаме. Денеска имаме и највисок број на тестови во 24 часа. Сметам дека бранот кратко ќе трае, но ќе повторам, остануваме максимално внимателни и претпазливи“, посочи Филипче.

Министерот Филипче истакна дека вирулентноста значајно слабее. Анализата на симптомите на новите случаи во изминатите седум дена укажува дека има случаи кои се асимптоматски и со многу лесни симптоми, близу 90% од нив. Но, оваа, како што истакна Филипче, воопшто не треба да значи дека вирусот не е опасен.

„Сведоци сме дека и сега има пациенти кои имаат тешка клиничка слика. Уште еден факт дека граѓаните треба многу да внимаваат, да ги почитуваат мерките, пред сѐ, тука мислам и на хронично болните. Иако бројката на заразени е висока, таа се шири во рамки на кластерите и од оние кои се веќе во изолација. Има и спорадично ширење на болеста и мора да упатам апел да ги почитуваме мерките. Во текот на овие два дена, Комисијата за заразни болести прави детални анализи заедно со тимовите на епидемиолозите вклучени во спроведувањето на тестирањето и анкетите, во однос на новиот бран и ширењето на вирусот, со цел да има еден попрецизен, детален увид. Согласно ова, во недела ќе имаме состанок на којшто ќе се дискутира за натамошните чекори“, рече министерот Филипче.

На прес-конференцијата, тој информираше дека во Градската општа болница „8 Септември има 11 случаи на заразени здравствени работници.

„Позитивни на коронавирус се еден доктор, двајца болничари, медицински сестри, како и еден вработен од техничката служба. Работата не е компромитирана. Утрово, на координативен состанок со инфектологот договоривме начин на тестирање на луѓето, кои биле во највисок ризик и согласно другиот дел од епидемиолошкиот прашалник за самоизолација. Сите други вработени носеле заштитна маска. На Гинеколошко-акушерската клиника имаме двајца заразени, медицинска сестра и техничар, а во овој момент се прават анализите“, истакна министерот Филипче.

Тој потенцираше дека согласно последните новодијагностицирани случаи, потврдена е исправноста на одлуката за воведување на дополнителна рестрикција во главниот град, но и во другите градови и региони, каде има новодијагностицирани пациенти.

„Апсолутно, сметам дека мерката е издржана и барам сите граѓани во целост да ја почитуваат, а институциите да казнуваат доколку се детектира непочитување. Епидемиолозите утрово информираа дека многу е олеснет пристапот и спроведувањето на тестирање со оглед на рестрикцијата на движење. Земањето на брисеви се одвива полесно“, додаде Филипче.

Министерот Филипче порача до граѓаните, дека вирусот е тука и се шири. Непочитување на мерките ќе значи само продолжување на кризата и никако не помага на целиот тим епидемиолози, инфектолози вклучени во оваа борба кои три месеци интензивно работат.

Тој подвлече дека имаме јасна стратегија за пристап, тестирање и за податоците коишто луѓето ги даваат во нивните прашалници. 

Филипче истакна дека, во овој момент, во овој викенд беа потребни мерките на рестрикција на движењето и побара од сите граѓани, мерките да се почитуваат.