26/04/2024
Македонија

ГДУ: Хјустон, тие навистина имаат проблем!

Кандидатите за пратеници од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испратија соопштение до медиумите во кое стои:

„Викендов светот беше сведок на успешното лансирање на SpaceX, првата комерцијална ракета со човечки екипаж. Предвидено е нејзиниот лет до Меѓународната вселенска станица да трае 19 часа. Во меѓувреме пак, овде на земјава, во нејзиното најблескаво катче, според зборовите на Претседателот Пендаровски, се појавил проблем во каналот. Каналот на комуникации? Во моментов контролата на мисијата нема претстава што се случува со екипажот на „Лидерската средба“ каква е нивната патека, а нацијата со загриженост ги очекува најновите вести.

Всушност, ако подобро размислиме, кога Собранието би било контрола на мисијата, сите 120 членови на парламентот, со Претседател на Собранието, со тројца потпретседатели, дузина координатори и заменици координатори на пратенички групи(добар дел од тие групи никогаш не учествувале самостојно на избори, а ако и учествувале, никој не се сеќава) ударнички се исклучија од функција. Никој од тие силни и виспрени „законодавци“ не покажа ниту најмал напор, чувство на обврска или одговорност во услови на национална закана по здравјето и животите на нивните сограѓани, да стори нешто, да предложи решение, да викне! Останаа горди и неми „поддржувачи“ на нивните работодавци кои во моментов се загубени некаде во орбитата затоа што имаат проблем со каналот. Каналот на комуникациите.

Разочарувачки, и во овие тешки мигови за Македонија, политичките шпекуланти ги поразија и остатоците на државните институции. Повеќето од чекорите кои ги преземаат имаат за цел одвраќање на граѓаните од учество во процесите на одлучување. Мошне искрено ни порачуваат- не сте неопходни! Сепак,уверени сме дека наскоро ќе бидат непријатно изненадени и ќе го добијат одговорот што го заслужуваат -Не, вие не сте потребни повеќе!

За крај, искрено порачуваме, внимавајте на сопственото здравје и здравјето на другите. Чувајте се и да држиме среќа сите заедно, шпекулантите да не ја влошат дополнително состојбата. Видовме дека не се двоумат од ништо!“ – стои во соопштението од кандидатите за пратеници од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).