Годинешен состанок на претставниците на парламентарните комисии за одбрана и за безбедност на парламентите на земјите од Југоисточна Европа

 “Сложените и меѓусебно вмрежени облици на организиран и сериозен криминал со кои се соочуваме, претставуваат една од најголемите закани за просперитетот, владеењето на правото, развојот на современото општество и севкупната стабилност на регионот“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на почетокот од своето денешно обраќање на Годинешниот состанок на претставниците на парламентарните комисии за одбрана и за безбедност на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, што денес и утре се одржува во Скопје, а на тема “Современи безбедносни предизвици во југоисточна Европа“.

Министерот Спасовски нагласи дека во борбата против комплексните и специфичните форми на криминалот, потребно е да се согледаат сите нивни конкретни модалитети, појавните облици, обемот и последиците и следствено на тоа, да се проценат реалните закани кои може да се очекуваат во иднина.

“Во регионални рамки, Европа и Балканот – пред сé заради геостратешката положба и специфичните етнички, социјални и политички карактеристики – претставуваат погоден терен за стационирање и егзистирање на екстремни и радикални групи и поединци, но и за развивање хиерархиски закрепостени меѓунационални организирани криминални групи. Токму поради ова, може да се очекува зголеменa соработка на терористите со криминалците, што ќе овозможи поголема флексибилност и зголемена логистичка и финансиска поддршка“, потенцираше Спасовски.

Презентирајќи ги актуелните согледувања и активности од аспект на безбедноста и спроведувањето на законите, пред се во делот на посложените и посериозни облици на организиран криминал, министерот Спасовски, исто така посебен акцент во своето обраќање стави и на терористичките закани.

“Република Македонија во консталација на безбедносната состојба во регионот и пошироко, посебен акцент дава на борбата против тероризмот како моментална асиметрична закана, која е високо на агендата на службите кои го спроведуваат законот. Имајќи ја предвид поврзаноста на тероризмот со насилниот екстремизам, односно верската хетерогеност на населението во Р.Македонија, сосема јасно може да се препознае опасноста од етнички мотивиран насилен екстремизам што води кон тероризам. Исто така, информатичко – комуникациските технологии, особено социјалните мрежи, форуми и сајтови, претставуваат значајна поддршка на тероризмот и насилниот екстремизам“, потенцираше Спасовски.

Според првиот човек на македонската полиција сложеноста на спроведувањето истраги за кривични дела од областа на организираниот криминал и тероризмот ја наметнува потребата за воспоставување поцврста регионална соработка и приближување на воспоставените стандарди и пракси.

Апострофирајќи ја важноста од постојана и кооординирана соработка меѓу државите која претставува чекор напред и сигурен начин за успешна и заедничката борба против криминалот, министерот Спасовски посочи дека приоритетите се менуваат, предизвиците се менуваат, но целта на меѓусебната соработка била и секогаш ќе биде зајакнување на безбедноста и стабилоста на земји од регионот на ЈИЕ, но и пошироко, а со самото тоа и сигурноста на сите граѓани.