Интензивно се работи на планот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион

Има виден напредок во изработката на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегијата за влијанието врз животната средина- ова беше оценето на денешната работна средба на изработувачите на Планот, членовите на комисиите и претставници на надлежните институции, на која учествуваа градоначалникот Константин Георгиески и Министерот без ресор Едмонд Адеми. Активностите за донесување на овој докмент кој е дел од препораките на Комитетот на УНЕСКО, се одвиваат според утврдениот план и како што беше оценето на средбата, тој ќе биде готов  до крајот на оваа година.

На средбата беше изразен оптимизам дека и покрај кусите рокови, Владата на Република Северна Македонија до 1 февруари ќе ги заврши сите планирани активности и ќе го испрати извештајот до Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО. Беше потенцирано дека ќе се реализираат и визиите и целите на Планот кои се однесуваат на контролираната урбанизација, зајакнувањето на капацитетот на надлежните институции, заштитата на природното и културното наследство, одржливиот економски развој, подигнувањето на јавната свест и зголемената еколошка функционалност на Охрискиот регион.