Иванов: Спортот придонесува за помирување, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата

Спортот е фактор кој придонесува не само за помирување, туку за постигнување на оние вредности кои се неопходни за едно општество да гради здраво поколение, бидејќи младите се тие на кои најмногу им е потребно она што го нуди спортот – натпревар и градење на здрави луѓе, во здраво општество, кое ќе биде едноставно посветено на мирот и на просперитетот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска во Монако учествува на 10. Меѓународен форум „Мир и Спорт”, што се одржува под покровителство на принцот Алберт Втори.

Претседателот Иванов изјави дека на форумот се разговарало за улогата на спортот за поттикнување на мирот, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата.

„Како со моќта на иновативноста и креативноста да се постигне помирување во конфликтните региони, но и да се постигне инклузија во општеството, со вклучување на сите добри практики и искуства од спортот во секојдневниот живот,“ изјави македонскиот претседател.

Ова е трето учество на претседателот Иванов на меѓународниот форум „Мир и спорт”. Во 2012 година во рамки на форумот одржан во Сочи, основачот и претседател на меѓународната организација „Мир и спорт”, Жоел Бузу, на претседателот Иванов му додели посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот.

„Македонија активно учествува на овој форум и нашите активности беа наградени во 2012 година, со тоа што ги поттикнавме нашите инцијативи за спортскиот бон-тон, и како да се постигне вклучување во едно мултиетничко општество преку спортот, за младите да ги почувствуваат сите вредности и сето она што е присутно во спортот, да биде присутно во секојдневниот живот“, изјави македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи дека овие меѓународни форуми придонесуваат во изнаоѓање решенија за глобалните проблеми и предизвици и ја истакна потребата од иновативност и креативност во спортот.

10 годишнината од меѓународниот форум „Мир и спорт” во Монако се одбележува во присуство на околу 500 претставници од држави од сите континенти, нобеловци, луѓе од спортот, од политиката, од бизнисот, невладиниот сектор. Темата на годинешното јубилејно одржување на форумот е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација”.

Во рамки на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт” претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Алберт Втори.