Конзервација или конфронтација

Отворено писмо до јавноста од Михаил Трендафилов Нанче, претседател на граѓанското невладино здружение “СОВЕСТ“ од Охрид.

Почитувани читатели, македонски граѓани, македонски институции и дипломатски претставништва на други држави во Република Македонија.

На Македонија многу нешто ѝ фали и на македонскиот граѓанин многу нешто му e по право. Од квалитетот на тукашниот наш живот, до начинот кој како ја гледа Македонија како концепција. Но едно е сигурно, во Македонија никогаш не е здодевно. Сите копнееме и сонуваме во Македонија еднаш да заживееме здодевно, а секојдневно се будиме во нови и постојано нови возбуди. Стануваш и не треба да се чудиш од која страна ќе те стрефи сензација.

Си тргнал низ охридската чаршија и гледаш, огромни багери на Алипашината џамија работат на нејзина “конзервација“. Зарем е можно си велиш? Со багери, пред очите на целата јавност нафрлени се машински чудовишта на објект под заштита на државата!? Каков е тој проект и градежна дозвола за ова градежно дивеење каде што смееш само да гледаш и молчиш и најстрого забрането е со мобилниот оваа некоја матна ујдурма да ја штракнеш?

Ќе свртиш телефон на некој од поупатените од твоите некогашни школски, низ цинично смеење ти вели, на џамијата му прават минаре од триесет и два метри. Од неверување од слушнатото, мислиш, ти збори на подбишега.

– Еј, далеку е први април, не се зафркавај…

– Ич не се зафркавам, кај нас во Македонија секој ден е први април. Имало турска финансиска донација, од неа кој знае кој се не се потчешал и работата, сите како што гледаат, оди по турски.

– Ама, Алипашината џамија е објект од посебна културна важност. Таа е изградена врз поранешна црква, “Св Никола“, а црквата е изградена врз уште постара базилика. Тоа е чудесијата на Охрид, нагледни, материјални цивилизациски слоеви на едно место.

– Тоа сето е точно, зависи тоа цивилизациско богатство и наследство ние како го читаме, како го презентираме и како секојдневие го живееме. Еј, ајде овие работи не по телефон…

– Добро, излези и ќе седнеме. Излези и активирај се, мајката…

Циничен е мојот школски ама е во право. Ова е најтазе пример за судирот на ориенталниот и европскиот концепт на размислување и дејствување чии што горки семиња и плодови ни го одбележуваат и парчосуваат нашето секојдневие.

Дошла турска донација и шуш – буш, тајно матно, дури бегери не збрчат. Што и како изработиле Заводот, кај е инспекциската, Министерството, Владата, Собранието, кој да го информира УНЕСКО?

Смее ли сеопштата државната неодговорност нас граѓаните вечно да не држи во потиштена беспомошност веќе прејдена во препознатлива црта на наша заедничка засраменост?

Материјалните факти на комплексот на Алипашината џамија тоа нагледно ни го покажуваат, а ние пораката од вековите од нашите сограѓани никако да ја научиме. Специјалистите за оваа материја нека уточнуваат, но дивата сила на градење и рушење ечи од овој топос. Базиликата на граѓаните на древниот Лихнид ја руши нова сила и врз неа гради црква, по неколку векови црквата ја руши сила за храм на нов господ и по неколку векови на подјарменост во негово име, охриѓани во 1912. му го рушат минарето на џамијата.

Значи, и покрај сета воинствена, фронтовска еуфорија и таа генерација охриѓани нема баш против џамијата. Му го руши само минарето како симболика на самоспасувањето дека рајата се ослободила од нечовечкиот систем кај што чувството за бога било само злоупотребувано. Повеќе од сто години џамијата е без минаре, него никој денеше охриѓанец не го памети, но џамијата работела и чаршијата функционирала…

Сегашнава тајна иницијатива за градење на минаре на Алипашината џамија стасана до булдожери е намера за нови конфронтации во Охрид. Зашто се застанува токму на периодот на минарето од пред повеќе од сто години? Ајде да ја обновиме црквата од пред четири – петстотини години. Џамија ја јавнала црквата, околината на Алипашината џамија е со православни охриѓани, а тие над сто години ништо лошо на џамијата не и направиле. Ако не црквата, ајде да ја обновиме базиликата на древните наши лихниѓани.

Не, не се правиме големи патриоти ниту големи европејци, но ако сме за турски модел, барем да сме за истамбулски. Токму таму, среде Стамбол е храмот на Св. Софија. Величенствената Константинополска градба завојувачите Османлии не ја разрушиле, ја претвориле во џамија и што би бил денес Истамбул без Аја Софија како прочуен музеј. Кемалистите каква што ја затекнале, без никакви доградби прочуеното здание го конзервирале, такво го претвориле во музеј и таквото светско чудо е отворено е денес за сите туристи.

Тоа треба да биде урнекот на кој треба да функционира Алипашината џамија. Но кој тоа од нашите паланечки и корумпирани чиновници и чиновнички да го спроведе. Добар, инвентивен архитект, за оваа шанса ќе плати само тој да го направи проектот. Отворена за секого, сите слоеви на видело и со додатни провидни ѕидови во една хармоничност од повисок ред, целите подови заштитени и застаклени за кога ќе се гази по темнината на вековите да се има возвишено чувство кон светото, дури покрај вас некој верник си ја изведува својата молитва. Значи, објект повторно во сопственост на Исламската верска заедница што ќе не поврзува сите.

Ние во Охрид веќе имаме такво богато искуство. Неколку цркви се музеи, центри се на културни збиднувања и пак се објекти на МПЦ. Покрај езерото, позитивната слика и реклама за Охрид ја прават токму тие цркви отворени за сите. Што би било сега некому да му текне, тие одеднаш да станат затворени и во услуга само на православните верници. Свештенството од почеток се бунеше што нивните објекти станаа “сечии“, но кога го видоа бенефитот од нивната отвореност, сега се најголемите приврзаници на концептот за нивна отвореност “за секого“.

Зашто со умната реставрација на Алипашината џамија, Охрид да не се збогати со уште еден репрезентативен објект во својата културна препознатливост? Па каде ние охриѓани и не само охриѓани, ќе ги запознаеме културните придобивки и вредности на Истокот ако не во овој нам од бога даден објект? Зашто некој за нос ме влече и донира, тоа културно богатство како граѓанска придобивка пред нос да ми се затвора? Ќе биде ли посреќен со тоа што тој објект дополнително ќе не разделува?

Не сме најумни, а не сме ни најсилни. Помогнете кој со што можете. Барем, прочитајте го ова писмо и размислете. Ние, убаво начнатите од коровот на европската цивилизација, а никогаш неочистени од азијатските страсти, како генерациски сами да сакаме во некое идно време да бидеме на показ за уште еднаш ненаучената лекција од минатото. Нас да не покажуваат како археолошки материјал од уште еден слој од културата на конфронтацијата.

Михаил Тредндафилов Нанче

Претседател на граѓанското здружение “СОВЕСТ“ Охрид

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.