Корисни совети за зимско патување

По долгата и топла есен, метеоролозите за наредниот период најавуваат пад на температурите, постудено време, снег на повисоките места и „конечно“ вистински почеток на зимата. Иако сончевото време на сите возачи им оди во прилог, не треба да се заборави фактот дека во зима снегот и мразот се главни „учесници“  во сообраќајот на патиштата, а возачите треба да се прилагодат на нив и на условите за возење кои ги создаваат.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата подготви неколку кратки совети како да се подготвите вие и вашето возило за претстојниот зимски период.

Дали ви требаат зимски гуми?

Да. Новите модели на зимски гуми добро се вклопуваат со површината и сигурно ќе траат повеќе од една сезона, па нема потреба да размислувате за купување поскапи зимски гуми. Доколку возите автомобил со летни гуми кои имаат поголема оска од 4 мм, препорачуваме да ги замените со зимски гуми за ваша безбедност и за безбедност на другите учесници во сообраќајот. Доколку имате зимски гуми, а автомобилот е мал, ви препорачуваме да купите нови бидејќи зимските гуми со мала шарка имаат добар стисок на влажната подлога, но кога станува збор за снег, тоа не е многу добро.

Погрижете се вашиот автомобил да биде во исправна состојба.

Освен временските услови, исправноста на возилото е клучен фактор за безбедност на возачите и на останатите учесници во сообраќајот. Последно нешто што сакате е да останете со возилото на пат бидејќи не е механички исправно. Исто така, пред да тргнете на пат, треба да ги проверите и доколку е потребно да ги замените со нови и со поквалитетни четкичките на бришачите. Така ќе бидете сигурни дека стаклото на шофершајбната ќе биде секогаш чисто. Добро е да отидете на механичар или во овластен сервис каде што ќе можете детално да го прегледате вашето возило.

Обидете се резервоарот да ви биде полн доколку заминувате некаде на подолг пат.

Во зима, на места каде што има паднато снег, често се случува автомобилот да заглави во снегот, па можеби ќе бидете принудени да го оставите возилото да работи подолго време за да ве загрее, сѐ додека не дојде некој на помош. Втора, корисна работа е да се погрижите вашиот резервоар да е полн повеќе од половина во текот на целата зима бидејќи тоа ќе спречи замрзнување на горивото кога температурите се во минус. Доколку е потребно, можете да додадете и некој адитив во резервоарот.

Секогаш имајте комплетна зимска опрема во вашиот автомобил.

Потребни и од корист ќе ви бидат основни работи, како што се: синџири за тркала, зимски ракавици и капи, ќебиња, ремени за влечење, кабли за напојување на акумулатор, фенерче, и др. Не заборавајте да носите некои основни лекови доколку тргнувате на далечен пат бидејќи секогаш постои опасност да заглавите некаде и да не знаете колку долго ќе бидете заглавени.

Носете облека во која ќе ви биде топло. Очила во тон на жолто-златна боја драстично ќе ви помогнат да имате подобра видливост. Се разбира, тоа што е ладно надвор, не значи дека треба да возите во јакна, палто или слична облека бидејќи тоа само ќе ви го отежни возењето. Сѐ што е тешко, големо и гломазно ви го отежнува возењето. Големиот и дебел капут кој повеќе ќе ве нервира, отколку што ќе ве стопли, ќе го оставите на задното седиште од автомобилот и за време на возењето, ќе бидете комотни и нема да се чувствувате тромаво, а со тоа ќе можете слободно да маневрирате со воланот, да се свртите настрана или  назад и да бидете фокусирани на она што се случува на патот. Истото важи и за тешките и големи обувки, како што се чизмите бидејќи тоа може да ви ја загрози пристапноста до педалите. Ставете ги на задното седиште за да ви бидат достапни доколку ви затребаат.

Прилагодете се кон условите на патот.

Проверете ја состојбата и условите на патот. Има многу начини преку кои можете да се информирате за состојбата на патиштата пред да седнете зад воланот. Проверете ја временската прогноза на локалните радио станици или на Интернет и добијте сознанија за последните временски предупредувања и за условите на патот. Ова ќе ви даде корисни информации за времето и што да очекувате или во некои полоши случаи ќе ви даде можност за план Б, односно за промена на рутата по која сте планирале да се движите.

Почитувајте ги ограничувањата на брзината, предупредувањата за условите на патот и запомнете дека во зима треба да возите многу поспоро од она што е дозволено.

Бидете внимателни за вас и за оние околу вас, возете одговорно и секогаш чувствувајте се безбедно во вашите возила.