26/04/2024
Македонија

Кривична пријава за несовесно работење на службата

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против К.В. (44) од с.Сушево, општина Василево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “несовесно работење во службата“, казниво по член 353-в став 1 од КЗ и “фалсификување службена исправа“, казниво по член 361 став 1 од КЗ на РМ.

Пријавениот К.В. во својство на службено лице – полициски службеник, на 05.09. минатата година при вршење на увид по случена сообраќајна незгода во која учествувале патничко возило и мотоцикл не ги земал потребните изјави од страна на учесниците во сообраќајната незгода со што не можеле да бидат точно прецизирани и точно утврдени фактичката состојба и виновникот за случената сообраќајна незгода. Наместо тоа, тој изготвил службени белешки за добиени информации преку непосреден разговор со граѓани само согласно “Правилникот за начинот на вршење на полициските работи“. Односно изготвил службени исправи кои подоцна ги употребил како вистинити и во содржината на едната од нив внел невистинити податоци во однос на изјавата од учесник во сообраќајната незгода кој притоа се здобил со тешки телесни повреди.

Исто така, во рубриката “Потпис на граѓанинот“ пријавениот своерачно ги ставил само првите букви од имињата и целите презимиња на лицата и потоа службените белешки ги заверил со своерачен потпис. На тој начин, на оштетените – учесници во сообраќајната незгода им било оневозможено да го остварат своето право на надомест на штета, односно била сторена потешка повреда на правата на возачите во остварувањето на правото за надомест на штета.