26/04/2024
Македонија

Министерката Шекеринска со повеќе билатерални средби и учество на панели

Денеска во Минхен, Сојузна Република Германија, заврши 54-тата Минхенска безбедносна конференција на која министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со министрите за одбрана на Канада Харџит Саџан, на Бугарија, Красимир Каракачанов, на Литванија, Раимундас Кароблис и на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, како и со заменичката генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер, со евро-комесарот Јоханес Хан и со претседавачот на Конференцијата, Волфганг Ишингер.

На средбите министерката Шекеринска ја потврди посветеноста на Владата на Република Македонија на реализација на планот 3-6-9 и на реформите во клучните области како владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на институциите. Министерката ја реафирмираше стратегиската определба за членство на Македонија во НАТО-Алијансата и во Европската Унија, како и политиката на државата за добрососедски односи и пријателство.

Заменичката генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер посочи дека Алијансата дава поддршка за реформските политики на Владата и се заблагодари за учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировната мисија на Алијансата во Авганистан. Евро-комесарот Хан ги поздрави реформските напори на Владата и изрази подготвеност ЕУ да ја продолжи поддршката на Република Македонија во реализација на зацртаните реформи.

Република Македонија од министрите за одбрана на Канада, на Бугарија, на Литванија и на Црна Гора доби целосна поддршка за членство во Алијансата, и понуда за размена на искуства во реализацијата на реформските процеси во земјата.

Министерката говореше и на панелот на Глобалниот форум на жените – политички лидери посветен на глобалната безбедносна агенда од перспектива на жените. Панелот стави фокус на безбедносната политика и новите закани, и на тоа како жените политичарки можат да дадат нова перспектива во справувањето со заканите. Говорнички на овој панел беа и бароницата Кетрин Ештон, поранешна потпретседателка на Европската комисија и поранешна висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Џенифер Морган, извршна директорка на Гринпис Интернационал, Патриција Флор, генерална директорка за Меѓународниот ред, Обединетите Нации и контрола на вооружувањето во германската федерална канцеларија за надворешни работи и Џули Лин Теигланд, регионален менаџер на „Ернст и Јанг“ за Германија, Швајцарија и Австрија.

Министерката присуствуваше и на вечерата во чест на американскиот сенатор Џон Мек Кејн кој ја доби наградата на Минхенската конференција, а главен говорник на настанот беше поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден. Заедно со министрите за одбрана од регионот беа и на заедничкиот ручек организиран од министерката за одбрана на Германија Урсула фон дер Лајен при што беше потврдена поддршката на нашата земја на патот кон НАТО.

Во фокусот на овогодишната конференција беше улогата на Европската унија како глобален актер и нејзините односи со НАТО, САД и Русија.

На Конференцијата учествуваа секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, британската премиерка Тереза Меј, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, евро-комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан и други.