26/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски на работилница за планирање и управување со интегритет во Скопје

„Секоја реформа има своја цел. Но ниту една реформа неможе да стигне до посакуваната цел доколку не се потпира на суштинските претпоставки за нејзино реално спроведување и операционализирање. Во центарот пак на тие претпоставки секогаш се наоѓа човечкиот фактор или човечкиот ресурс – оние што треба да ги реализираат зададените задачи, оние заради коишто воопшто и постојат самите реформи“.

Ова меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање по повод започнувањето со работа на дводневната работилница за планирање и управување со интегритет, а во рамки на Програмата за градење полициски интегритет што се спроведува во заедничка соработка на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили и Министерството за внатрешни работи.

Притоа, министерот Спасовски, потенцираше дека – без постоењето или градењето на личниот и професионален интегритет се губи смислата, односно есенцијата на каков и да е општествен зафат – неговата кредибилност и веродостојност. “може да имате беспрекорни идеи, проекти, концепти, процедури, но што од сето тоа доколку уште во самата основа сме пропуштиле да инвестираме во луѓето, и не само во нивната спобоност, стручност или експертиза, туку и во нивното професионално поводение, сфаќање, во нивниот етички и вредносен светоглед!?“, рече Спасовски.

Според Спасовски сосема е разбирливо зошто во изминатиот период, во рамки на Министерството за внатрешни работи, беше одлучено да се реафирмираат заложбите за креирање на квалитетна база на нови стандарди и вредности што ќе бидат во функција токму на воспоставувањето на повисоко ниво на професионален интегритет на сите вработени во министерството.

„Интегритет што, од една страна ќе ги гарантира поголемата ефикасност и доселедната законитост во работењето, а од друга страна ќе го почитува достоинството и професионалните квалитети на нашите вработени“, истакна Спасовски.