26/04/2024
Охрид

Настап на МКД „Илинден“ од Риека

Пред споменикот на „ Св. Кирил и Методиј“, попладнево настапи Македонското културно друштво „Илинден“ од Риека, Република Хрватска. Пред почетокот на настапот, гостите од Хрватска ги поздрави претседателот на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

-Со денешната посета на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, видовте само мал дел од културното наследство на древниот Лихнидос, во кој секоја цивилизација оставала свои траги. Токму затоа непроценливото културно и природното богатство на Охридското Езеро се под заштита на УНЕСКО.

Уверена сум дека со овој вонвременски спој на убавините на Охрид, и ако живеете во Република Хрватска, се гордеете и Вие. Охрид не ни припаѓа само нам, туку му припаѓа на светот како ретко културно и природно богатство. Тоа е голема чест но и голема обврска зошто тоа богатство треба да го чуваме, а паралелно да градиме стратегии за одржлив развој, собено во туризмот како водечка стопанска гранка.

Вие сте дел од Заедницата на Македонците во Република Хрватска која е  формирана во 1991година и делува како етничка и национална заедница, односно како аполитичко и непрофитно здружение. Со оваа посета на Охрид, уште еднаш ја потврдувате вашата основна определба која  се состои во чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Северна Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции, рече Ангелоска.

Во рамките на неколкудневната посета, претставниците на Македонското културно друштво „Илинден“, покрај Охрид, ги посетија Попова Шапка, Скопје, Радовиш, Струмица, Крушево, Демир Хисар и Битола.