26/04/2024
Македонија

Од инвестирање во модерната контрацепција до поголема заштеда на јавно-здравствените трошоци

Контрацепцијата им овозможува на жените и паровите да го планираат своето семејство и да се заштитат од сексуално преносливите инфекции и ХИВ. Па, сепак, нејзината употреба во Македонија е екстремно ниска – само 13% од жените користат модерна контрацепција – за разлика од земјите во ЕУ каде што просекот изнесува 62%.

Овие податоци беа дел од воведните обраќања со кои започна денешната работна средба „Инвестиција во здравството и заштеда на трошоци преку обезбедување модерна контрацепција во Македонија“, што ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја организира во пресрет на 26 септември – Глобалниот ден на контрацепцијата, со поддршка на Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА.

Според најновото истражување „Атлас на контрацепцијата“, коешто во март годинава го промовираше Европскиот парламентарен форум за популација и развој, од вкупно 46 влади во Европа, 17 располагаат со сеопфатни или добро развиени политики и мерки за пристап до контрацептивни производи, советување за планирање на семејството и онлајн информации за контрацепција, од кои Велика Британија, Белгија и Франција се трите најдобри земји. Македонија, заедно со Ерменија, Албанија, Малта, Чешка и Исланд, спаѓа во втората најслаба група на земји со недоволни политики и мерки за контрацепција.

Пред присутните беше претставена и економската анализа, што во текот на годината ја спроведоа УНФПА и ХЕРА. Целта беше да се направи споредба на инвестицијата и заштедите на здравствениот систем кои се потребни за обезбедување орална контрацепција и спирала, во случај:

(1) државата бесплатно да ги набавува и дистрибуира преку своите програми, и

(2) да се на товар на Фондот за здравствено осигурување со партиципација на жените од 50% од цената.

Постојната стручна литература потврдува дека користењето контрацептивни методи ги намалува медицинско индицираните абортуси, вагиналните породувања при високо ризичните бремености и породувањата со царски рез, како и бројот на новороденчиња со ниска родилна тежина (<2500g) од 5 до 10%. Овие податоци беа земени како основа при пресметувањето на заштедите.

Заклучоците од истражувањето упатуваат дека инвестицијата во бесплатно обезбедување на еден тип орална контрацепција и спирала преку УНФПА генерира заштеди за македонскиот здравствен систем од 905.888 долари за период од 3 години и финансиска добивка од 316.024 долари. Доколку, пак, контрацептивните средства се на товар на Фондот за здравствено осигурување, се генерираат заштеди од 452.944 долари, но без финансиска добивка за здравствениот систем.

Сепак, оваа студија е анализирана само од перспектива на здравствениот систем, но не и од страна на самите кориснички. Не се земени предвид дел од трошоците за антенаталната грижа и породувањата што жените ги плаќаат од својот џеб. Треба да се има предвид и дека колку е подостапна контрацепцијата за жените, толку се поголеми и општествените придобивки, односно се зголемуваат можностите за образување и вработување на жените, а се намалува веројатноста тие да бидат жртви на насилство, се зголемува продуктивноста и се подобрува квалитетот на животот на сите граѓани.

Пристапот до контрацепција е право на здравје. Со подобрување на мерките за планирање на семејството, Македонија ќе обезбеди не само подобра здравствена заштита за жените, туку и поголема родова еднаквост во здравствениот систем.