26/04/2024
Македонија

Одбрани два тима млади што ќе не претставуваат на глобалниот предизвик Generation Unlimited

Два тима составени од млади луѓе кои изработија креативни решенија против насилството, вклучувајќи го и врсничкото насилство и насилството преку интернет беа официјално избрани меѓу пет тимови за да ја претставуваат земјата на глобалниот предизвик на Generation Unlimited.

Светската иницијатива Generation Unlimited претставува амбициозно партнерство кое започна како настан на високо ниво за време на 73-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации со цел секој млад човек да се вклучи во квалитетно образование, обука или вработување до 2030 година. Оваа иницијатива која се одржува во 16 земји низ светот, меѓу кои и нашата, ги повикува младите да се пријават со решенија со кои ќе се поддржат трите главни столба на Генерација без граници: средно образование; вештини за учење, вработливост и пристојна работа и оспособување. Во нашата земја, фокусот е на решенија за #КрајНаНасилството врз децата и меѓу децата.

“Најдобар период од животот за давање поттик на креативно и иновантно мислење е времето на адолесценцијата. Сите тимови денес кои работеа на изнаоѓање решенија за крај на насилството даваат надеж дека заедно можеме да изградиме подобра иднина за сите,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Во процесот на изработка на своите идеи, младите од петте тимови “Нула”, “СПЕС”, “Борци против насилство”, “AndroMeta” и “Interconnecting solutions” спроведоа мали анкети за да научат како нивните врсници се справуваат со малтретирањето и врсничкото насилството, некои ја користеа уметноста како алатка за закрепнување од траума и повеќето од нив ги применија новите технологии за изработка на платформи каде децата ќе можат да добијат поддршка и совети.

“Многу деца немаат начин да се искажат и да го исфрлат од себе тоа што ги мачи. Затоа ние создадовме виртуелна анонимна заедница каде секој може да сподели искуство со врсничко насилство и други видови насилство и членовите на заедницата може взаемно да си помогнат“ – Александра Поповска, лидер на тимот “АндроМета“ што ќе продолжи на глобалниот натпревар.

“Создадовме лик – Супер Пако – што има за цел да ги води децата жртви на насилство, но и децата што прават насилство низ целиот процес и да ги учи како да се справат со насилството и како да создадат емпатија. Супер Пако е всушност алпака – го одбравме ова животно за нашата апликација затоа што е мирољубиво и сака деца.“ – Стојан Стојчевски, лидер на тимот “Interconnecting solutions”.

Иницијативата започна минатата година кога беше упатен повик до млади и креативни иноватори да аплицираат на младинскиот предизвик имајќи ги предвид специфичните цели: да создадат систем за поддршка, платформи и поврзување со други млади кои би послужиле како добри примери за жртвите; намалување на насилството меѓу младите преку интернет, во и околу училиштата и промена на перцепциите и ставовите кај возрасните во насока на целисходно ангажирање на адолесцентите и младите во местото каде што живеат.

Повеќе информации за младинскиот предизвик може да се најдат на genunlimited.mk