26/04/2024
Македонија

Османи: Македонија има искрени пријатели чија поддршка ја очекуваме во овие одлучувачки моменти

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска во Секретаријатот за европски прашања oствари средба со Министерот за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн.

За време на средбата, Вицепремиерот Османи изрази длабока благодарност за посетата на Министерот Аселборн, како и за севкупната поддршка од страна на Луксембург за нашите евроатлантски аспирации, a која е повеќе од потребна и добредојдена особено во овој клучен период на одлуки за нашата евроатланската интеграција.

“Македонија веќе втора година минува низ еден силен транзициски период, во кој, со сесрдна поддршка на нашите меѓународни пријатели, создаваме услови за напредок во европските и евроатлантските интеграции. Низ целиот овој период државава е соочена со бројни предизвици, а веројатно еден од најважните и најкомплексните е предизвикот за имплементација на Договорот од Преспа, со кој се затвора еден долгогодишен спор меѓу двата соседи Македонија и Грција, и кој преставуваше непремостлива брана за напредокот во интегративните процеси” – истакна Османи во својата изјава по средбата. Во овој контекст тој потенцираше дека присуството и поддршката на нашите меѓународни пријатели претставува акт на пријателство и охрабрување, поддршка која е добредојдена особено во овие моменти на важни одлуки.

Османи посочи дека покрај активностите околу референдумот, Владата, а особено тој како Главен преговарач, но севкупно Секретаријатот за европски прашања, како носечко тело на подготовките за преговори, активно работат и на реформскиот процес, подготовките за претстојниот скрининг, но и воопшто, на севкупните подготовки на земјата за преговори.