Отслужена вечерна богослужба и света литургија за Св.Климент Охридски и Св. Пантелејмон

По повод празникот посветен на Светиот великомаченик и целител Пантелејмон и на светите Седмочисленици, синоќа беше отслужена Празнична вечерна богослужба, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. Со литургијата, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа. Пред моштите на Охридскиот светител, беше отслужен и Акатист на свети Климент Охридски.

Денеска продолжија чествувањата во Светиклиментовиот манастир, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Петар се обрати кон верниците со пригодно слово.

This slideshow requires JavaScript.