19/03/2024
ДебрцаСпорт

Отворена ракометна школа Вардар Седмерец во Дебрца

Вчера во Балон спортската сала во село Требеништа, градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, присуствуваше на отворањето на ракометната школа за Дебрца, во организација на Ракометната школа Вардар Седмерец, од Охрид, која е дел од Ракометната Академија Вардар.

„На отворањето салата изгледаше прекрасно, бидејќи присуствуваа повеќе од 80 дечиња, со желба да ги научат сите тајни на ракометот. Поздравувајќи ги дечињата им посакав успешна работа, со желби да се развиваат под брендот на актуелниот европски шампион Вардар, и надеж од школата да излезат многу таленти, кои преку вардаровите селекции еден ден ќе израснат во професионални ракометари.

Ние како општина, чија основна заложба е поттик на спортот максимално ќе ја поддржуваме ракометната школа, која за првпат се отвора во Дебрца и на наредната седница на советот на општината ќе предложам дополнување на Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца, со што ќе обезбедиме и финансиска поддршка за школата.

Искрено се надевам дека истата ќе произведе квалитетни млади ракометни таленти од нашата општина.“- вели градоначалникот Ногачески.