Посебни случаи на фалсификување исправи и употреба на исправа со невистинита содржина

Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против Д.И. (30), вработен во Шумската полиција во Струга и Р.А. (37), вработен во основно училиште во с. Лабуништа, двајцата од с.Подгорци, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

На 26.04.2017 година Д.И., со цел да докаже дека е член на синдикатот, неовластено го употребил службениот печат на Шумската полициска станица, ставајќи го на потврда на негово име, а потоа го фалсификувал и потписот на претседателот. Р.А., со фалсификување документ и неовластено изготвување на административна забрана на плата на негово име, го употребил печатот и штембилот од Шумската полиција и со фалсификување на потписот на овластеното лице и на раководител на финансиска служба. Тој, иако е вработен во основно училиште, по договор со Д.И., неовластено пополнил изјава во која навел дека е вработен во Шумската полиција на работно место референт и дека е член на синдикатот. Потоа, на него му била изготвена потврда со фалсификат потпис на претседателот и изготвено решение за извршување административна забрана на плата, употребувајќи го повторно печатот и штембилот на истата институција. Така фалсификуваните документи, двајцата пријавени ги употребиле во продавница за бела техника од каде набавиле мобилни телефони на рати.