26/04/2024
Охрид

Премиерот Заев, министерот Бектеши и директорот Танасоски во посета на ГП „Ќафасан“

По обиколката што ја направија во новите објекти за царинење премиерот Заев, министерот Бектеши и директорот Танасоски дадоа изјави за медиумите.

„Проектот се финансира од програмата ИПА и од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 1,48 милион евра коишто се грант и над 300.000 евра од буџетот. Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стоковни пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности, значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Она што е важно, со овој нов терминал ќе се забрза и олесни стоковната размена преку овој најфреквентен граничен премин кон Република Албанија а истовремено ќе се олесни и забрза транспортот по должина на пан европскиот Коридор 8“, посочи премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши во својата изјава се осврна на важноста и значајноста на овој нов царински терминал за забрзување и зголемување на трговската размена со Република Албанија која изнесува 166.1 милион долари со раст од 15.7%.

„Со воспоставување на One Stop Shop со Република Албанија, за што постапките ќе започнат набргу трговската, а воопшто и економската соработка ќе се зголемува, а протокот на стоки ќе биде побрз, поефикасен и побезбеден“, рече министерот Бектеши.

Директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија Ѓоко Танасоски рече дека овој проект е од голема важност за олеснување на трговијата и поедноставување на царинските формалности и ставање на европската мапа на Коридорот 8.

„Со завршувањето на овој терминал се исполнуваат условите за започнување на преговори со Европската унија, а со One stop shop значително ќе се намали времето на чекање на камионите. Овој граничен премин претставува и пилот испостава за воведувањето на системот за електронска обработка на декларации, софтвер којшто е компатибилен со системите на ЕУ“, рече директорот Танасоски кој воедно истакна дека е исклучително важно да се модернизираат царинските терминали со цел да се обезбеди сигурност и безбедност на транспортот на стоки и за спречување на нелегалната трговија за што како успешен пример го посочи денешното откривање и запленувањето на 350 килограми марихуана на граничниот премин Табановце од страна на царинските служби.


Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Заев.

„Заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши денеска имавме прилично богата агенда во градот Охрид којашто ја завршуваме со увид во тековната состојба и подготовките на новиот терминал на граничниот премин Ќафасан.

Овде сме со директорот на Царинската Управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски да се информираме одблсику и да направиме увид во реализацијата на овој значаен проект кој опфаќа изградба на нов увозно – извозно царински терминал од 9.5 илјади м2, пристапни патишта, објекти за царинење и дурги инспекциски објекти како и реконструкција на постојните објекти.

Проектот се финансира од програмата ИПА и од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 1,48 милион евра коишто се грант и над 300.000 евра од буџетот.

Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стоковни пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности, значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.

Она што е важно,  со овој нов терминал ќе се забрза и олесни стоковната размена преку овој најфреквентен граничен премин кон Република Албанија, а истовремено ќе се олесни и забрза транспортот по должина на пан европскиот Коридор 8.

Проектот за надградба на објектите за царинење и контрола на Граничниот премин за патен промет Ќафасан е во тесна врска и со компјутерскиот систем: Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи. Овој систем ќе го замени целосно досегашниот систем и ќе обезбеди безхартиени царински постапки.

Тоа ќе придонесе да се исполнат европските стандарди и да се создаде поефикасна и модерна царинска служба, подготвена да одговори на предизвиците на глобалната трговија.

Ова е сериозна инфраструктура којашто се создава за отворање на One Stop Shop на граничниот премин Ќафасан со Република Албанија. Ова е уште една потврда дека Република Северна Македонија посветено и сигурно чекори на вистинскиот пат, кон полноправно членство во НАТО и отпочнување на преговори за членство во ЕУ како наши стратешки цели кои ќе донесат траен мир и одржлива економска перспектива за граѓаните на нашата земја.“