Прес-конференција на Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски

Изминатиов месец сме сведоци на една огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во нас, политичарите и во сопствената држава.

Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така.

Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава.

Свесен за мојата одговорност како претседател на сите граѓани и мојата должност да ги штитам интересите на државата и нејзините граѓани, нејзиниот просперитет и безбедност, како и реализицијата на стратешките надворешно-политички цели кон кои во изминативе две години забрзано се движиме – НАТО и ЕУ, барам од надлежните институции:

  1. Ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност,
  2. Доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не,
  3. Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери.

Длабоко верувам дека ние политичарите сме со поголема одговорност од другите граѓани, затоа и нашите, евентуални противзаконити дејствија треба да бидат процесуирани со поголемо внимание и дури и построго казнувани во однос на другите граѓани. Во оваа смисла очекувам зголемен мониторинг и од медиумите и при тоа, треба да ни биде помалку битно кој ги набавил или кој ги дистрибуирал снимките, од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или не. При тоа, барам од медиумите, се разбира, без да се нарушува слободата на јавно информирање, внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од разни страни, затоа што лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и во државните институции.

4. Како претседател давам целосна поддршка на надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и ќе ги употребам сите уставни и законски овластувања за да ги заштитам од притисоци. Исто така, ќе ги употребам сите законски овластувања да ја заштитам националната безбедност од обиди за нејзино нарушување било од надвор, било од внатре.

Почитувани граѓани,

Оваа тешка ситуација ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и сите нас, одговорните политичари. Ако надлежните правосудни органи ја истераат работата до крај, а, повторувам – очекувам така да биде и никако поинаку, во тој случај ќе докажеме дека навистина функционира системот, а тоа е најдобриот начин да се врати довербата на граѓаните и на целокупната јавност во органите на прогонот. Во спротивно, ризикуваме нашите граѓани да ја загубат вербата во сите нас, политичарите и во својата држава, но, овој пат, дефинитивно.

Од она што досега е јавно познато, за жал, извесно е дека во случајот се вмешани луѓе од различни профили. Во неодамна објавените аудио снимки се слушаат гласови на бизнисмени, дури и на обвинителка, се споменуваат имиња на истакнати личности. Одговорност, повторувам – мора да има и по вертикална и по хоризонтална линија. Одговорност и казни мора да следат за сите чија вина ќе се докаже, без разлика дали станува збор за обвинители, членови на политички партии, бизнисмени, политичари. Никој не смее да биде над законите во оваа земја, ничија партиска или политичка припадност не смее да биде посилна од правдата. Оние кои тоа не го знаат или не го почитуваат треба да им го отстапат своето место на оние кои тоа го знаат и го почитуваат.

Почитувани граѓани,

Како што верував и јавно ја бранев институцијата СЈО во последниве 4 години и денес длабоко верувам дека институција која ќе се бори против високата корупција и криминалот на функционерите и е повеќе од потребна на нашата држава. Со својот минат труд, СЈО, не поединци, туку како институција, заедно со Преспанскиот договор даде огромен придонес за ослободување на заробената држава и за нашето приближување кон НАТО и ЕУ. Сите досегашни истраги на СЈО, сите изведени докази не можат да бидат прогласени за невалидни, по дефиниција, па дури и ако се докаже дека некои обвинители работеле спротивно на законот. Евентуалната индивидуална одговорност на еден обвинител не може да го доведе во прашања огромниот труд на целото обвинителство и сите оние докази кои се изведени во законска процедура.

СЈО, позиционирано внатре во системот на редовното јавно обвинителство, треба да продолжи да ги истражува криминалите на претходната власт, но, и криминалите на актуелната власт и на било која власт во иднина. Нема правна држава ако власта ги гони само криминалците на предходната власт, а не и криминалците во своите редови.

Почитувани,

Не се сите обвинители во СЈО и во редовното обвинителство корумпирани, не се сите судии корумпирани. Најголемиот дел од обвинителите и судиите се доблесни професионалци со интегритет. Во оваа држава имаме доволно чесни и способни луѓе со образ. Меѓутоа, тука, главната улога треба да ја одиграат политичарите, и во тоа ја гледам направената кардинална грешка. Генерации политичари пропуштија многу одамна да создадат амбиент во кој чесните и професионални кадри во судско-обвинителскиот систем ќе си ја вршат својата работа без притисоци од страна, а корумпираните ќе се соочат со правдата. Меѓутоа, не е предоцна и денес, час поскоро, ние тоа да почнеме да го правиме.

Сите политичари не се исти. Ние ја добивме довербата на граѓаните со тврдењето дека не сме исти со претходните, но, тоа мора секој ден практично да го докажуваме. Во оваа смисла јас имам цврста намера да го дадам својот придонес, без остаток.