Промовирано ДВД издание на играните филмови на Бранко Гапо во Кинотеката

Денеска во Кинотеката на Македонија се одржа промоција на дигитализираниот филмски опус и ДВД – изданието на 6-те играни филмови на доајенот на македонската кинематографија,  Бранко Гапо …

Проектот  е поддржан од Министерството за култура и се реализира во програмата на Управата за заштита на културното наследство, во рамки на Европската година на културното наследство 2018.

На свеченоста, на која говореше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, присуствуваа голем број почитувачи на делото на Гапо, филмски работници, негови  директни соработници, семејството.
Промоцијата ја отвори директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, кој говореше за значењето на опусот на Гапо, а за заштитата на аудиовизуелното наследство во Европската година на заштитата на културното наследство говореше директорката на Управата за заштита, Елеонора Петрова Митевска.
 
Министерот за култура Алаѓозовски зборуваше за  филмовите на Бранко Гапо како за класици на домашната кинематографија кои оставија траен белег во растењето и зајакнувањето на македонската држава и идентитет.
„Заштитата на културното наследство е во врвните приоритети на Министерството за култура и нашите политики се недвосмислено во насока на нивното остварување.
kinoteka1
Затоа, и заштитата на играниот опус на еден од најнаградуваните и најафирмирани филмски режисери од Македонија, чии филмови беа прикажувани низ целиот свет и ја афирмираа историјата, литературата и културата на нашата земја, е наша должност и привилегија“, истакна Алаѓозовски. Тој потсети дека Владата ја усвои Стратегијата за културата до 2022 година во која посебно место има и односот кон аудиовизуелното наследство.
 
„Свесни сме за финансиските импликации што произлегуваат од недостигот на филмска лабораторија во Македонија,  па Кинотеката сите филмови мора да ги дигитализира и реставрира во странство. Затоа, во наредниот период ќе се посветиме на неколкуте проекти што се предлагаат од  Кинотеката на Македонија како што е и создавање центар за дигитализација во рамките на филмскиот архив на Кинотеката“, рече министерот Алаѓозовски кој додаде дека процесот на дигитализација ќе продолжи.