Првпат по 10 години се направени ортофото снимки од земјоделските парцели

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ги објави резултатите од проектот „Изработка на ортофото карти и дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и развој на ИТ софтвер за Фарм регистарот и ФАДН системот и надградба на ЛПИС софтверот“. Со овој проект МЗШВ обезбедува ортофото карти и дигитален модел на теренот преку авионските снимки од целата територија на државата, а врз основа на снимките ќе изврши ажурирање на парцелите во Системот за идентификација на земјишни парцели. На овој начин се обезбедуваат и информации за целокупното расположливо земјоделско земјиште поделено во неколку категории-ораници, оранжерии/пластеници, долгогодишни насади и пасишта.

„Новите авионски ортофото снимки се изготвени после 10 години и тоа согласно Европските регулативи за ажурирање на земјишните парцели од страна на Земјоделските стопанства. Нив ќе може да ги користат и другите институции кои работат во оваа област како Агенција за катастар, Просторно планирање и други. Целосното функционирање на системот ќе обезбеди ефикасен механизам за администрирање и контрола на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Конкретно, точните податоци кој земјоделец со колкава земја располага, или број на насади и добиток, е важна за навремена и правилна исплата на субвенциите“, изјави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

МЗШВ преку потсистемите на Интегрираниот систем за администрирање и контрола (ИСАК) и Системот за идентификација на земјишни парцели (ЛПИС), ќе може да ја ограничи можноста за неправилно внесување на податоците при процесот на апликација за финансиска поддршка.

Дополнително МЗШВ на располагање има и нов софтвер за Регистерот на фарми кој исто така е клучен подсистем на Интегрираниот систем за администрирање и контрола усогласен со барањата на ЕУ и интегиран со ЛПИС софтверот. Исто така, надграден беше и ИАКС системот во Платежната Агенција преку кој ќе се обезбеди непречено функционирање на Интегрираниот систем за администрација и контрола согласно европските регулативи.

Софтверот на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (ФАДН) е заменет со потполно нов софтвер. Овој софтвер претставува единствена база на податоци од која се обезбедуваат економски и финансиски податоци на ниво на земјоделско стопанство, кои се користат за изработка на анализи на земјоделските политики.

Врз основа на крајните резултати од овој проект МЗШВ ќе креира нови развојни политики во земјоделството, ќе овозможи поддршка на реформите во евроинтегративните процеси, како и успешно функционирање на ИАКС системот согласно ЕУ барањата.