Работилница во СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ по повод Меѓународниот ден на човековите права

Членови на Ротаракт Клубот Охрид и на Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“, одржаа работилница со ученици од трета година во Средното Стручно Општинско Училиште, „Св. Кирил и Методиј“, во пресрет на 10-ти Декември, Меѓународен ден на човековите права.

На работилницата, учениците имаа можност да се запознаат со принципите на општествена одговорност на Ротари и Ротаракт Организациите, како и да научат нешто повеќе во однос на нивните права, но и обврските кои произлегуваат од нив.

Преку креативна работа во групи, учениците работеа на идентификување на правата кои ги имаат и ги немаат, како тие би се поставиле во улога на родители во иднина, кога ќе станува збор за нивните деца и воопшто за нивното можно вклучување во процесот на носење општествени одлуки, како и за тоа како да идентификуваат и да пријават прекршување одредено право.

Генералниот заклучок на крајот на спроведената активност беше дека помеѓу учениците се потребни повеќе активности од ваков вид и дека и покрај предизвиците на модерното време, во многумина од нив се кријат успешни идни лидери и носители на високи општествени одговорности.