Реализиран проектот „Безбедност и здравје при работа на вработените во судските институции“

Во просториите на Основниот суд Охрид Здружението на судска администрација (ЗСА) одржа прес-конференција по повод реализацијата на проектот „Безбедност и здравје при работа на вработените во институциите на судскиот систeм во Р.С.Македонија“.

„Сакаме заеднички да постигнеме подобрување на условите за работа, намалување на повредите, професионалните заболувања на работните места во Македонија. Податоците од терен покажуваат дека имаме зголемување на бројот на повреди и несреќи при работа. МЗЗПР во својот извештај алармира дека најголем број на несреќи се случуваат на работните места, работниците гинат на работните места, најголем број повреди имаме во градежниот сектор, а после тоа во администрацијата.“ – изјави Весна Ристовска, проектен менаџер од Македонско здружение за заштита при работа.

„Здружението на судска администрација како професионално Здружение кое што се залага за вработените во судството, за нивно подобрување на работните места покрај другите ангажмани се одлучи да спроведе еден проект од областа на заштитата при работа на своите вработени. Она што посебно можам да го кажам е дека вработените во институциите се помалку третирани дека тука не настануваат заболувања, бидејќи работаат во затворени простории, работаат на компјутер, можам да кажам дека и во институциите има одредени заболувања кои што се јавуваат како резултат на работното место на кое што работаат вработените и од тие причини одлучивме да направиме еден ваков проект. Од ова истражување можам да ви кажам дека се испостави оти вработените во институциите трпат заболувања изразени преку болки во вратот, трпнење во прстите, спондилоза и слични такви болести, за кои ние како мерка издадовме еден прирачник во кој што сето тоа е разработено и со кој прирачник нудиме одредени вежби кои што ќе бидат истакнати на работните места, кои вработените ќе можат да ги следат, да ги практикуваат понатака, се со цел да имаме поздрави вработени на работните места.“ – изјави Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација.

Во рамките на проектните активности, д-р Билјана Матевска, специјалист по ергономија, во име на Здружението спроведе истражување на тема: „Ергономски анализи за детекција на потенцијални мускуло-скелетни заболувања кај вработените во судска служба и препораки за ергономско уредување на седечките работни места“.

„98% од испитаниците се изјазниле дека се соочуваат со болки во нивниот мускулно-скелетен систем. Иако сметаме дека административните работни места се безбедни за работниците кои што ги опслужуваат, вистината е малку поинаква. Кога работиме на компјутер постојано сме во една иста положба, таа положба е седечка положба во што која поминуваме повеќе од 8 часа во текот на денот само на работното место, меѓутоа кога тука ќе ги дадеме останатите часови кои ги поминуваме во седечка положба дали е тоа дома или на пат, во чекална или било каде, може да се заклучи дека генерално многу седиме, не се движиме, не вежбаме, не вежбаме после работа, за време на работа тоа е апстракт да се случи кај нас, меѓутоа ме радува што имаме една ваква иницијатива.“ – изјави Матевска.

Овој проект е финансиски поддржан од Европска Комисија, како дел од проектот „Подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа и при донесувањето одлуки како подршка на државата во процесите на пристапување кон ЕУ“ – EuropeAid / 155322 / DD / ACT / MK спроведуван од Македонско здружение за заштита при работа на РМ.

WebOhrid

This slideshow requires JavaScript.