26/04/2024
Охрид

СДСМ: Никогаш не бевме против изградба на модерна и современа автобуска станица

Во врска со вчерашната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Сашо Донев, реакција испрати ОО на СДСМ во која стои:

„Две години се релативно долг период, но верувајте, не доволно долг за вака ефтино да ги извртувате информациите, со цел да манипулирате со граѓаните и да ги доведувате во заблуда.

Ќе верувавме дека на господинот Сашо Донев му било недоволно јасно на што се однесувале критиките во однос на проектот за изградба на автобуската станица, меѓутоа за жал беше директно инволвиран во управувањето со тогашната локална самоуправа, најпрво како советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и како директор на ЈП Нискоградба.

Господине Донев ајде да се потсетиме што се критикувавме во поглед на проектот за изградба на новата автобуска станица:

– Најпрво критикувавме дека тогашниот градоначалник Бакрачески лаже во својата предизборна програма, во која како прв, приоритетен проект стоеше изградба на нова, современа автобуска станица. И како што гледате, сме биле во право. На ВМРО-ДПМНЕ не му беа доволни 4 години локална власт за да го заврши својот приоритетен проект, па требаше СДСМ да ја превземе локалната за да се комплетира проектот.

– Следно, обвинувавме дека во монтиран и недоволно транспарентен процес продадовте атрактивна парцела од 12.000 m2, по смешна цена од 3.487мкд за метар квадратен на фирма блиска до тогашната власт.

– И на крај, на прес-конференцијата што се одржа пред автобуската станица, сегашниот градоначалник, а тогашен советник и координатор на советничката група на СДСМ Охрид ви укажуваше, по кој знае кој пат, дека најдобар модел за спроведување на ваков проект е јавно-приватно партнерство, при што локацијата и дел од деловните простории би останале во сопственост на градот и граѓаните.

Почитувани колеги од ВМРО-ДПМНЕ, единствената ваша “заслуга” во реализацијата на овој проект беше продавањето на околу 12.000 квадратни метри градско земјиште, без да образложите за што ги потрошивте земените 41.833.540 мкд.

За крај, да сумираме господине Донев, за полесно да не разберете. СДСМ никогаш не беше против изградба на модерна и современа автобуска станица, ами против криминалниот и нетранспарентен пристап за реализацијата на овој проект.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.