27/04/2024
Охрид

Средба на градоначалникот Стојаноски со министрите за земјоделство на Македонија и Албанија Николовски и Пелоши

Градоначалникот Јован Стојаноски, денеска имаше средба со министрите за земјоделство на Република Македонија, Љупчо Николовски и на Република Албанија, Нико Пелоши. На средбата доминираа прашања поврзани со можностите за интензивирање на соработката за заштитата на Охридското Езеро, одржливо управување со природните ресурси и креирање на заедничка туристичка понуда.

Големите проекти, како што се заштитата и управувањето со Дримскиот басен и прогласувањето на охридско-преспанскиот регион за биосферен резерват се добра основа за креирање на акциски прекугранични планови и реализирање на заеднички одржливи проекти. Затоа, градоначалникот Стојаноски од министерствата и владите на Република Македонија и Република Албанија  побара поддршка на проектите за заедничка, интегрирана заштита на Охридското Езеро, како светско природно богатство заштитено од УНЕСКО. Тоа, според него, ќе овозможи со трансгранични проекти да се користат средства од меѓународните фондови за одржлив развој на регионот.

Министрите за земјоделство Љупчо Николовски и Нико Пелоши со нивните соработници денеска,  разговарале за заедничките мерки за  заштита на  охридската пастрмка и белвица на македонската и албанската страна на  Охридското Езеро.