26/04/2024
Македонија

Средба на министерот Спасовски со директорката на Европската федерација на новинари Рената Шредер

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер, придружувана од Драган Секуловски, претставник на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое со Синдикатот на македонските новинари и медиумски работници (ССНМ) е дел од ЕФН.  
Министерот Спасовски ја информираше Шредер за потпишаниот меморандум за соработка на МВР со Здружението на новинари на Македонија и за активностите што се преземаат за подобрување на соработката меѓу новинарите и полицијата. Во наредниот период предвидено е одржување на работилници во соработка со ЗНМ и ОБСЕ со цел уште повеќе да се зголеми соработката и да се избегнат било какви проблеми во наредниот период. Спасовски ја информира Шредер и за истрагите за случаите со напади на новинари во последните неколку години. 
Директорката на најголемата организација на новинарите во Европа, која претставува повеќе од 320.000 новинари во 71 новинарски организации оцени дека потпишувањето на меморандумот со ЗНМ е голем чекор и потенцира дека соработката меѓу полицијата и новинарите е неопходна. Таа ја поздрави намерата за одржување на работилници меѓу новинарите и полицијата, како дел од новата слика за Република Македонија како земја каде новинарите имаат можност слободно и професионално да работат.