26/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со украинската амбасадорка Задорожњук

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Украина во Република Македонија, Наталија Задорожњук.

На средбата е изразена согласност дека има отворени можности за интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји и е изразена определба тоа да се случи во скоро време низ повеќе конкретни активности.

На состанокот премиерот Заев најави дека ќе иницира до МНР и до Владата комплетно укинување на визите помеѓу двете држави, што ќе овозможи поефикасни економски и трговски односи меѓу двете земји, како и во неколку други области за коишто е утврдено дека има простор за тоа.

Договорено е активирање на работата на Мешовитиот комитет за економски и трговски прашања. Се разговараше за олеснувања меѓу двете земји во областа на земјоделството, за можностите за помош и примена на украинските искуства во областа на гасификацијата и општо енергетиката, коишто се, како што рече премиерот Заев меѓу приоритетните активности на Владата на Република Македонија. Украинската амбасадорка Задорожњук соопшти дека Украина може да помогне со својата експертиза и во енергетиката и во инфраструктурни проекти во Македонија. За таа цел премиерот Заев упати покана преку амбасадорката до украинските бизнисмени за посета на Македонија и контакти со бизнис заедницата во нашата држава, како и надеж дека наскоро ќе се оствари официјална посета на Република Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин.

Премиерот Заев и амбасадорката Задорожњук изразија обострана поддршка за аспирациите на Украина и на Република Македонија за членство во Европската унија и во НАТО, што, како што е констатирано дополнително ќе влијае на демократските процеси во државите и стабилноста и безбедноста во земјите. Амбасадорката Наталија Задорожњук на средбата со премиерот Зоран Заев ги поздрави реформите што ги прави Владата и интензивираните добрососедски односи и оцени дека отворените перспективи за Македонија во НАТО и ЕУ ќе значат охрабрување за Украина.