Утревечер започнува 58то издание на фестивалот „Охридско лето“

Повеќе од 800 уметници од 27 земји од Европа и од Светот, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации, ќе бидат дел од годинешното 58. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата фестивалот „Охридско лето“.

Отворањето на манифестацијата ќе биде утревечер , 12 јули, со романската оперска дива Елена Мошуц која во Античкиот театар ќе настапи заедно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Николае Молдовану.

На денешната прес конференција по повод почетокот на фестивалот,  градоначалникот  Јован Стојаноски истакна дека Охрид ќе биде вистинска културна метропола, со бројни посетители од земјава и странство.

„Најпрво да им посакаме  добредојде на уметниците кои утре ќе ја имаат обврската но и задоволството да го отворат 58. издание на фестивалот „Охридско лето“. Како градоначалник на општина Охрид на сите уметници кои ќе престојуваат во Охрид им посакувам топло добре дојде. Да се проведат добро во нашиот град и да допринесат како и минатите години во реализирање на уште едно успешно фестивалско издание. Како локална самоуправа од секогаш сме го поддржувале овој фестивал. Тоа ќе продолжи и понатака поради тоа што националната установа „Охридско лето“ и манифестацијата што се одржува е најпознатиот бренд што Охрид го вцртува на картата на културни дестинации во Светот. Сето тоа придонесува да имаме збогатена туристичка понуда и подобра позиција на Охрид на светската туристичка мапа. На менаџментот на фестивалот на сите нивоа им посакувам успешен фестивал и им честитам за уметничката програма што ја креираа, а која ни дава до знаење дека ќе имаме успешен фестивал  и годинава“– рече градоначалникот Стојаноски.

Оперската дива Елена  Мошуц, светските музички  критичари  ја оценуваат како една од петте најдобри сопранистки на денешницата. Таа прв пат доаѓа во   Охрид и  Македонија.

„Кога проверив на интернет видов дека се работи за фестивал со голема традиција на кој многу светски имиња настапиле. Ми се допаѓа вашава земја. На пат од  Скопје кон Охрид посетив национален парк кој многу ми се допадна. Искрено  ми е чест што сум дел од фестивалот и се надевам дека повторно ќе ме поканите да настапам на него“– подвлече  Мошуц. 

 Тенорот Калин Братеску потенцира дека е фасциниран од убавините на Охрид и посочи дека би сакал  во иднина својот годишен одмор да го има  кај нас.

„Кога пристигнав се прошетав во  дел од Охрид. Веднаш си помислив дека овде би требало да бидам на одмор, а не да  доаѓам со вака голема обврска. Но добро е кога имам можност да ги комбинирам двете работи. Со Елена долго време  соработуваме, прв пат заедно настапивме со операта „Трубадур“. Ветуваме дека утревечер ќе ви понудиме прекрасен концерт и ве поканувам да бидете дел од него “– изјави Братеску.

Уметниците кои утревечер ќе го отворат фестивалот очекуваат голем спектакл.  Мошуц и Братеску  под диригентската палка на Молдовану ќе ги изведат едни од најпознатите композиции во светот на класичната музика.

„Утревечер концертот ќе го започнеме со увертира. Потоа продолжуваме со дела од италијански композитори, па со познати француски арии. Станува збор за популарен репертоар кој ви е познат на сите. Вакви концерти од отворен тип имаат и политичко значење. Сведоци сме на многу тензии што се случуваат низ бројни земји. Ние уметниците сме еден вид амбасадори на културата и умееме на своевиден начин да помогнеме во решавање на таквите проблеми“- истакна диригентот Николае Молдовану.

Меѓу  учесниците на годинешното „Охридско лето“ се пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуизот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Како посебно театарско доживување е најавена претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче, Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се затвори годинешното фестивалско издание. Фестивалот „Охридско лето“ се реализира под покровителство на Претседателот на РМ, со финансиска поддршка на Министерството за култура и сите државни институции. Поддржан е од бројни компании, претпријатија, како и од Општина Охрид.