26/04/2024
Охрид

Здружението „Титоисти“ со честитка по повод 22-ри Декември

Здружението „Титоисти“  – Охрид, потсетува, а воедно упатува честитка по повод 22-ри Декември, ден на формирањето на Југословенската Народна Армија

„Во редот големи датуми во СФРЈ, едно од најзначајните места го зазема и 22-ри Декември. Сега е вистинско време постарите генерации да се потсетат, а оние помладите да научат нешто повеќе за значењето на овој датум, на кој во виорот на Втората Светска војна, во 1941 година во градот Рудо во Босна и Херцеговина е формирана Првата Пролетерска Народноослободителна бригада, како дел од партизанските единици.

Таа воена формација беше светол предвесник на Југословенската Народна Армија која го доби официјалното име на истиот овој ден, 22.12.1951 година, и која се до нејзиното растурање во 1992 година се третираше како четврта воена сила во Европа.

Тоа беше војска на безброј генерации, алфа и омега за свесноста на секој граѓанин за вредноста на државата која тогаш се градела. И ден денес, таа останува симбол на едно поубаво минато време, на декадите без поделби и без неправди, на времето кое знаеше да го вреднува и да го цени достоинството, мирот и безбедноста на сите луѓе.

Југословенската Народна Армија беше столбот на државата која сите генерации треба да ги асоцира на стабилност, почитување, еднаквост и рамноправност. Нејзините припадници беа заштитници на сонот и на мирното секојдневие на сите жители на шесте држави кои стоеја под Југословенското Знаме.

И покрај тешките и неправедни напори за поткопување на историските придобивки на Македонската држава во периодот од 1945-1991, наша должност е да бидеме силни и цврсти потсетници на времињата во кои зборот војник имаше најголема вредност, а служењето во една од најсилните армии на европско и светско тло во тој период беше вистинска чест и одговорност за секој млад човек. Тие спомени и вредности, треба достојно да ги сочуваме и да ги предадеме на сегашните генерации и носители на власта, затоа што одговорноста за иднината на Македонија, на нејзината безбедност лежи во нас, за да ја предадема во трајна вредност, на сите идни поколенија.“ – стои во честитката од Здружението „Титоисти“ – Охрид.