08/10/2024
Македонија

Владата ја утврди програмата за одбележување на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“

Свеченостите по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ ќе се одржат во Прилеп, Куманово и Скопје, на 11 октомври.

Содржините за одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе започнат со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата.

Владината делегација во Куманово ќе ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменик претседателот во владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции и Зорица Апостолска.

Покрај другите содржини, во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.

Во Прилеп, каде што свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на Методија Андонов-Ченто и пред  споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на непобедените.

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан.

Празничните активности во Скопје ќе започнат со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, а владината делегација во главниот град ќе ја предводи заменик претседателот во Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за администрација и информатичко општество  Дамјан Манчевски и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членови на владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Собранието на Република Северна Македонија по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.

На сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, се поканети членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја, и претставници на општествените и граѓанските организации во земјата.