Доделени 67 договори за поддршка на локални манифестации, саеми и фестивали
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска свечено ги додели договорите за финансиска поддршка за организација на локални манифестации, саеми и фестивали. Оваа година, пристигнаа рекордни 89 апликации. Од нив 67 ги исполнија условите и добија догвори за организација на настани, од кои дел ќе се одржат за прв пат со наша поддршка, а некои имаат долгогодишен континуитет.
„Ова ме прави среќен, ми потврдува дека кога се има стратегија и добри мерки, кога се креираат добри политики за развој, тогаш луѓето кои сакаат да работат го искажуваат целиот свој потенцијал. Затоа оваа година имаме зголемување за 18 нови локални манифестации, кои за прв пат ќе се одржат со наша поддршка. Нова можност за речиси сите општини во државава. Ќе се организираат настани со промотивен карактер и со силни пораки за зачувување на традицијата, локалните обичаи, домашната храна, земјоделското производство, автохтоните раси, екологијата и природните убавини. Жените фармери кои ние силно ги поддржуваме и оваа година ќе имаат можност заедно „Да ја продолжиме традицијата“, ќе го промовираме и Мариово како „Оаза за органска храна“, а оваа година ќе имаме и „Вино на штикли“ рече министерот Николовски.
Поддршката за организација на локални настани ширум државата ќе придонесе за поголема туристичка посетеност, афирмација на нашата држава и промоција на познати и непознати дестинации идеални за рурален туризам. Сите локални манифестации, саеми и фестивали, ќе придонесат и кон остварување на повисоки резултати, а тоа е малите производители кои секогаш се присутни на ваквите настани, да добијат можност да ги претстават своите производи.
Малите производители се во фокусот на нашето работење и нашата задача е да им помогнеме да се развиваат. За таа цел распишавме јавен повик за поддршка со грант до 10.000 евра за набавка на опрема, на кој пристигнаа рекордни 173 апликации.
Голема е и улогата на министерството, за сите овие успеси. Ние донесовме правилници за продажба од куќен праг, и од тој момент почнавме да ја пишуваме заедничката приказна, на многу домашни брендови од мало производство. Руралните жени, конечно добија можност, она што го произведуваат по рецепти наследувани од генерација на генерација, да го преточат во вкусни ајвари, џемови, слатка, маџун, масла, сирење, мед, путер и многу други производи кои сега легално ги продаваат и придонесуваат кон домашната економија. На пример, нашиот ајвар оваа година достигна рекорден извоз.
Локалните манифестации имаат и одговорност, треба да се самоодржливи, да имаат висок позитивен импакт врз пошироката јавност, да допрат до целната група на локални производители и силно да ги промовираат нашите културни и традиционални вредности.
Изминативе години, заедно изградивме многу брендови, манифестации кои се веќе познати и успешно си ја пишуваат својата биографија: Поречки фармер“, „Кратовска компиријада“, „Вкусот на Буково“, „Тиквешки Вински салон“, „Валандовска ракијада“, „Преспански јаболкобер“, „Ден на млекото“, „Ден на празот“, „Денови на медот“ и многу други.
„Сите тие се исти а истовремено и различни. Ја слават храната- она што ни е дар од природата, ја слават традицијата – она што ни е наследство од нашите баби и дедовци, го слават животот- она што ни е дар од Бога. За да остане запишано во нашата колективна меморија, во нашите гени, дека животот под ова сонце е привилегија. Оваа земја е плодна и родна. Секој крај со своја специфика. Вино од Тиквешијата, компири од беровско, млеко од битолско, праски од Росоман, јаболки од Преспа, ракија од валандовско, смокви од Дојран, тутун од прилепско, жито од Пелагонија и Полог. Имаме сѐ и ќе имаме уште повеќе“ потенцираше министерот Николовски.
На настанот се обратија и претставници на здруженија добитници на договори и искажаа благодарност за поддршката која ја добиваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Министерот им посака успешна реализација на договорите и се заблагодари на рекордно високиот интерес за органзиација на промотивни настани ширум државата.