Ковачевски: Илинден е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови

Во духот на сплотеноста и вековниот стремеж за демократска и просперитетна заедничка татковина, на Мечкин Камен прозвучеа фолклорно друштво „Студио Фолклор-Скопје“, „Влашки хор-Крушево“, Национална установа – Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, а настапуваа и Национална установа – Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ како и Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.

На илинденските празнувања на Мечкин Камен кои симболично отпочнаа со пристигнувањето на коњаницата, присуствуваше и висока владина делегација предводена од премиерот Ковачевски во состав: заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која положи цвеќе на споменикот на Мечкин Камен.

Во оваа прилика Премиерот порача:

„Илинден е длабоко врежан во нашиот код. Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови. Не руши!

Поврзува! Не дели!

Не мрази! Сака!

Не блокира! Развива!

Не изолира! Интегрира!

Стоиме денес исправени во чест на нашето минато и оддаваме длабока почит на илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република, заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост – и даваме збор. Идејата илинденска и асномска, за светла и перспективна македонска иднина – и генерациите на денешнината ја имаат пред себе – и од неа назад – нема! Има само напред!

Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво. Денес, нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како и погледот на илинденците и во 903-та и во 44-та и во 91-та. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. Ние никогаш нема да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја. Нека им е вечна слава на илинденците! Нека ни е честита Слободата и Републиката!“, порача Ковачевски и додаде дека нема поголем државен приоритет од патот напред, којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните.

Премиерот Ковачевски порача дека тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и затоа повика на обединување на генерациите на денешнината во остварувањето на оваа стратешка државна цел.

„Нејзините корени се во Илинден и затоа, Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина“, додаде Ковачевски.

Премиерот Ковачевски во рамки на празнувањето на двата Илиндена, синоќа присуствуваше и се обрати и на означувањето на почетокот на традиционалната манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, во чии рамки преку културните настани на различни локации во градот се претставува традицијата и историјата на Крушево.

Прославата на големиот државен празник Илинден под слоганот „Нашата сила за иднината“ годинава традиционално се одржа на повеќе локации, во Скопје, Пелинце, Крушево и во Смилево, во организација и координација на Владата на Република Северна Македонија.