МОН: Го јакнеме дуалното образование, со конкретни мерки ќе се стимулира поголемо вклучување на компаниите
Министерството за образование и наука континуирано го јакне средното стручно образование. На последната седница, Владата ја усвои Информацијата за дуално образование и донесе заклучок да им препорача на коморите надлежни за верификација на компаниите, да ги ревидираат процедурите по однос на времетрaење и потребни документи за верификација. Исто така, Владата му препорача на Економско – социјалниот совет да дадe конкретни предлози за стимулирање на компаниите вклучени во процесот на дуалното образование.
Реформата на средното стручно образование е успешна и тоа го покажуваат бројките на запишани ученици, што од година во година растат. Наша цел е зголемување на вработливоста на младите и продуцирање кадари со соодветни вештини и компетенции, што им се потребни на компаниите и им овозможуваат на младите, по завршување на средното стручно образование успешно да влезат на пазарот на труд или, доколку сакаат, да продолжат со високо образование.
Дуалното стручно образование почна од учебната 2017/2018 година а се интензивираше во 2020 година со социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, преку кој секоја година компаниите, средните стручни училишта, стопанските комори и локалните самоуправи ги разгледуваат потребите за отворање на нови образовни профили и паралелки во училиштата, потребата од редизајнирање на дел од наставните програми и унапредувањето на практичната обука на учениците.
Како резултат на интензивирањето на активностите во учебната 2021/2022 година дуално образование се реализираше во 97 паралелки во 46 средни стручни училишта, а беа запишани 1.486 ученици, кои соработуваа со 210 компании. Оваа учебна година дуално образование се реализира во 225 паралелки во 61 средно стручно училиште, со 2.763 запишани ученици и во соработка со 450 компании.
Бројките за следната учебна година се уште повисоки. Во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година предвидени се 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места во соработка со над 500 компании.
Со цел да ја зголеми атрактивноста на средното стручно образование Министерството за образование и наука ги промени и политиките за стипендирање. За учениците запишани во дуално образование се исплаќаат стипендии во месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината.
Компаниите имаат обврска да организираат практична обука за учениците и тоа директно на работно место, за што треба да обезбедат соодветни услови – работна средина, опрема и машини.
Реализацијата на практичното образование во компаниите го водат ментори и во моментов се сертифицирани повеќе од .1000 ментори. Учениците кои се запишуваат во дуалниот модел на образование реализираат наставни планови и програми со зголемен број на часови поминати кај работодавач.
Министерството за образование и наука со темелна реформа стреми кон квалитетен воспитно-образовниот систем кој создава граѓани подготвени за предизвиците на 21 век.