24/04/2024
Македонија

МОН: Одбиената понуда од 2500 денари покачување на платите е обид за загрозување на интересите на децата, родителите и општеството

Образованието на младите е најважно и обезбедувањето на континуитет и квалитет на воспитно – образовниот процес секогаш треба да биде највисок приоритет при делувањето и одлучувањето на сите општествено чинители и субјекти кои учествуваат во организирањето на овој процес. Се работи за наша заедничка законска, етичка и морална должност и имаме обврска истата да ја спроведуваме, независно на предизвиците кои тековно се појавуваат и кои отсекогаш сме ги надминувале низ дијалог, без да се нанесува штета по знаењето на учениците.

Министерството за образование и наука во неколку наврати изминатиот период апелираше до раководството на СОНК заеднички да ја продолжиме практиката на паралелно извршување на работните задачи и обврски на вработените во училиштата заради непречено одвивање на работата на образовните установи и на преговарање за решавање на прашања кои ги засегаат. Но, овој пат останува нејасно зошто синдикатот реши да оди во друга насока.

СОНК не го прифати предлог за покачување на платите на наставниците во износ од 2500 денари, обезбедени во услови кога државата се соочуваа со здравствена и економска криза. Овој потег единствено може да се сфати како уцена која загрозува интересите на учениците, родителите и семејствата.

Сепак, убедени сме дека оваа одлука не го одразува ставот на мнозинстовото наставници кои членуваат во синдикалната организација – СОНК и затоа упатуваме апел до сите наставници, кои водени од желбата да учествуваат во создавањето на ученички генерации и во градењето на иднината на државата, всушност одлучиле да се занимаваат со најблагородната професија, да продолжат да работат во интерес на учениците и уште од утре да се вратат на работните места и да ги извршуваат своите работни обврски, овозможувајќи им на младите да продолжат да се надградуваат.

Да ги вратиме учениците таму кадешто им е местото. Тоа единствено оди во прилог на идејата за градење на нови генерации, подобри од претходните.

Повисоки плати мора да има и ќе има. Освен покачувањето за 10%, во план е и развивање на модел за долгорочно поврзување на системот на плати со минималната плата. МОН ќе продолжи и да ја обезбедува можноста за наставниците и стручните соработници да напредуваат во звања – ментор и советник, што исто така значи повисоки месечни примања за секој кој ќе го оствари ова право. Продолжува и унапредувањето на условите за работа преку континуирани инвестиции во образовната инфраструктура и опремувањето на училиштата.

Не треба да постои сомнеш дека грижата за наставниците ќе продолжи и во иднина. Посочуваме дека само во изминатите три години, како резултат на волјата на Владата, колективното договарање резултираше со зголемување на платите во образованието за над 21%. Затоа, да ги вратиме учениците на настава, а решавањето на предизвиците да го препуштиме на социјалниот дијалог. Штрајкот е право, но не и најдобра опција во овој момент и во услови кога постои силна волја за добро решение.

Да не ги разочараме учениците и да не дозволиме наместо подобри, да создаваме генерации со помалку знаења од претходните.