04/12/2024
Македонија

Одбележување на Денот на народното востание- 11 Октомври под мотото „Непокор и слобода“

Владата на Република Северна Македонија, под мотото „Непокор и слобода” , утре 11.10.2023 година (среда) со пригодни настани ќе го одбележи државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание.

Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи пред Спомен – костурницата во Куманово, а владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и во Прилеп.

Во Куманово, централниот настан ќе започне во 10:00 часот со положување свежо цвеќе пред Спомен – костурницата. Владината делегација ќе ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата се Артан Груби, Прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура и Азир Алиу, министер за информатичко општество.

Настанот продолжува со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски а потоа ќе следува културно – уметничка програма на платото пред Спомен – костурницата.

Поради безбедносни протоколи, претставниците на медиумите е потребно да пристигнат на локацијата во Куманово најдоцна до 09:15 часот.

Манифестацијата по повод одбележувањето на државниот празник и обраќањето на премиерот Ковачевски, можете да ги проследите во живо на следните линкови со почеток во 10:00 часот:

Линк до видео од одбележувањето на 11 Октомври – Ден на народното востание, пред Спомен костурницата во Куманово на македонски јазик

Линк до видео од одбележувањето на 11 Октомври – Ден на народното востание, пред Спомен костурницата во Куманово на албански јазик

Во Скопје, со почеток во 10:30 часот, владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, а во состав Филип Николовски, заменик министер за финансии, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски, ќе положат свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, а во 11:30 часот ќе положат свежо цвеќе на споменикот ,,Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата на Република Северна Македонија, по што вицепремиерката Грковска ќе даде изјава по повод празникот.

Поради безбедносни протоколи, претставниците на медиумите е потребно да пристигнат во Медија центарот на Владата, најдоцна до 11:00 часот, од каде ќе бидат спроведени пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, утре, во Прилеп владина делегација, во 09:30 часот, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и пред Могилата на Непобедените. Владината делегација ја предводи заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи. Во состав на владината делегација се и заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу.