09/11/2024
Македонија

Премиерот Заев во вториот дел на седницата за пратенички прашања

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, одговараше на пратенички прашања и во продолжението на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

Премиерот Заев најави дека очекува до крајот на 2019 година да биде отворен граничниот премин Клепало, за што рече дека е радосна вест за граѓаните на Берово, Делчево, Штип и пошироко во источниот регион, со оглед дека беше најавен за крајот на 2020 година.

„Македонија ги има обезбедено сите финансиски средства и верувам дека до крајот на 2019 година, ќе имаме можност да го пуштиме преминот во употреба“, рече премиерот Заев.

Тој оцени дека граничниот премин Клепало е одраз на пријателството и Договорот со Бугарија и дека е од огромно значење и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Бугарија. Соопшти дека постои подготвеност за реализација и од бугарска страна. Дека се работи на заокружување на изведбата на инфраструктурата од двете страни.

– Планираме да направиме и one-stop-shop, за побрз проток на стоки. Коридорот 8 ни е многу важен. Очекуваме економски перспективи на овој регион и од македонска и од бугарска страна, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека отворањето на граничниот премин за граѓаните од овој дел од Македонија, ќе значи нови фабрики и можности за поголем пласман на земјоделските производи, како и развој на туризмот, за што е заинтересирана и Бугарија.

Премиерот Заев најави дека дополнително се работи и на комплетирање документација за уште една гасоводна линија, дека олеснувањата со роамингот меѓу двете земји се во завршна фаза, дека се работи на набавка на електрична енергија за двете земји, како и на нови гранични премини меѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција.

„Мислиме дека брзо ќе бидеме членка на ЕУ, треба да отвориме инфраструктурни перспективи на граѓаните, тоа ќе значи и повеќе пари и споделување култура и традиција, а тоа ќе значи и европеизација на Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата го објасни и значењето на законите за ПИОМ и на економските закони, за коишто целта е да стапат на сила од 1 јануари.

„Законот за ПИОМ има импакт од 1 јануари, овозможува стабилизирање на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, рече премиерот Заев“, додавајќи дека кон тоа ќе придонесе и очекуваното зголемување на бројот на вработени.

Премиерот Заев посочи дека импактот од правичното оданочување треба да се гледа од агол на тоа што се добива, „грубата бројка е 25 милиони евра, додадовме 12 и станаа 37 милиони евра, што ќе ги вратиме на социјалата.“ Тука премиерот Заев го посочи драстичното зголемување на бројката корисници на детски додаток, како и на корисниците на социјална помош.

– Тоа е и зголемување на потрошувачката, а воведува социјална праведност, објаснивме, фирмите се запознаени, посочивме на сериозноста, убаво ќе биде од 1 јануари да влезат во сила, станува збор за даноци и придонеси, веруваме дека ќе бидат подготвени и фирмите и граѓаните, рече меѓу другото премиерот Заев, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија.

https://www.youtube.com/watch?v=jDK-narG_u4